Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, поранешен светски шампион во бокс, ја обвини германската влада за предавство на пријател затоа што одбилa испорака на оружје во Украина. Во меѓувреме, САД и Велика Британија повлекуваат дел од своите државјани од Киев, пишува „Дојче веле“ во денешниот текст.
„Милијардите што Русија ги вложи во лобисти, поранешни политичари и германски концерни му се исплатеа на Владимир Путин“, пишува германскиот весник „Билд“, цитирајќи го поранешниот боксерски шампион, а сега градоначалник на Киев, Виталиј Кличко (50). Најтиражниот германски весник наведува дека Украина не е само разочарана од одбивањето да се испорача оружје, туку и од фактот дека германската влада продолжува да го поддржува проектот „Северен тек 2“ и во исто време се обидува да одврати некои земји, како Естонија, од испораката на оружје за Украина.
Кличко, кој е многу познат во Германија, каде направи голема спортска кариера, во интервјуто за „Билд“ не го крие разочарувањето од попустливоста на германската влада кон Русија.
„Тоа е одбивање да се пружи прва помош и предавство на пријателите во драматична ситуација, во која нашите граници се загрозени од присуството на руски војници“, рече Кличко, додавајќи: „Многумина се прашуваат на чија страна е германската влада. На страната на слободата, односно за Украина, или на страната на агресорот?“
Кличко вели дека Германија треба да се погрижи законски да им забрани на лобистите како поранешниот социјалдемократски канцелар, Герхард Шредер (77), да работат за рускиот режим.
„За жал, несфатливите изјави на германскиот вицеадмирал за Русија и Путин покажуваат дека и други носители на важни должности во Германија страдаат од тотален недостаток на чувство за реалност“, вели Кличко.
„Посебно ме боли кога гледам како оние во Германија кои покажуваат разбирање за Путин ја презедоа контролата врз многу важни политички прашања“, посочува Кличко, кој од 2014 година е градоначалник на Киев, додавајќи дека Украина само сака да биде самостојна и демократска земја.
„Билд“ потсетува дека командантот на германската морнарица и вицеадмирал Кеј-Ахим Шенбах мораше да поднесе оставка поради својот говор на една манифестација во Индија, во кој се „изјаснил во корист на Путин“.