Гостивар, 18 март 2020 (МИА) – Неизвесноста околу продолжување на државното првенство во првата кошаркарската лига заради мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, доведе до предвремен одмор на играчите на КК Гостивар 1954. Поголемиот дел од екипата доби дозвола да се вратат матичните земји и градови.
Шефот на стручниот штаб на гостиварскиот прволигаш, Марјан Србиноски за МИА изјави дека последниот тренинг се одржал во четвртокот, а непосредно по објавувањето на владините препораки ги откажал и натамошните тренинзи.
– Ситуацијата е таква, нема закажани натпревари и не се одржуваат тренинзи, нема натпревари. По објавените мерки заедно со управата „странците“ ги ослободивме од обврските и доколу сакаат, да се вратат во матичните држави. Истото го сторивме и со домашните играчи. Кога ќе ги повикаме, засега е неизвесно, бидејќи не може да се предвиди кога ќе стабилизира состојбата. Ќе ги чекаме натамошните инструкции на КФМ, друго ништо не ни преостанува, изјави Србиноски.
Тој е дециден дека овој прекин ќе влијае негативно врз формата на играчите и амбициите на клубот кои беа зцртани за оваа сезона, но како што вели здравјето на играчите е поважно.
Од Гостивар, деновие отпатуваа американците Малком Армстед, Донован Доналдсон и Ентони Ли, а за Нови Сад (Србија) замина Ѓорѓе Ѓелетовиќ. Останатите македонски играчи исто се вратиле во матичните места.
КК Гостивар вложи во засилувања за оваа сезона и оствари скор од 12 победи и пет пораз и со 29 бодови со што е на третата позиција на табелата.
КФМ минатата недела издаде соопштение во кое заради состојба со појавата и ширењето на Корона вирусот (COVID-19) и препораките на Владата на РСМ и Светската Здравствена Организација, објавуви дека сите натпревари во организација на федерацијата од четврток, 12 март 2020 година со одложуваат на неодреден временски период. Со оглед дека е неизвесно продолжувањето на натпреварувачката сезона, од странците се разделија МЗТ Скопје и КК Работнички. згм/нд/