Утрински Весник
Свет

Кина: Изјавите на словенечкиот премиер за Тајван се опасни

Кина: Изјавите на словенечкиот премиер за Тајван се опасни

Кинеското министерство за надворешни работи изјавите на словенечкиот премиер Јанез Јанша за Тајван ги оцени како опасни и изрази остар протест.

Ваквата реакција дојде откако Јанша во понеделникот во интервју за индиска ТВ станица изјави дека Словенија и Тајван разговараат за формирање заеднички мисии, пренесува словенечката агенција СТА.

– Тајван е нераскинлив дел од кинеската територија. „Владата на Народна Република Кина е единствената легитимна влада што ја претставува цела Кина, а принципот на една Кина е универзално призната норма на меѓународните односи и универзален консензус на меѓународната заедница“, рече портпаролот на министерството Жао Лиџијан.

Тој додава дека тоа е и политичката основа на односите меѓу Кина и Словенија и односите меѓу Кина и Европа, објави на англиски кинескиот портал CGTN, цитирајќи ги неговите зборови.

Во интервју за индискиот јавен сервис Дордаршан, Јанша рече дека Словенија и Тајван „работат на размена на претставници“.

Тој објасни дека претставниците нема да бидат на ниво на амбасади, туку на „на исто ниво што веќе го воспоставиле многу земји од ЕУ“.

Јанша рече и дека Словенија ќе ја поддржи секоја суверена одлука на народот на Тајван, вклучително и независноста, доколку тоа е нивна слободна одлука.

Тој беше многу критичен кон Кина за нејзиниот одговор на одлуката на Литванија да отвори своја дипломатска мисија во Тајпеј.

Тајванското Министерство за надворешни работи, пак, вчера на Твитер изрази благодарност за „континуираната поддршка“ на Јанша, ретвитувајќи го интервјуто на Јанша.

Можете да прочитате

Германски МНР: Руската агресија кон НАТО ќе продолжи и ако се постигне договор за Украина

Трамп: Бајден дозволи во САД да влезат десетина милиони илегални криминалци

Зеленски: Кучето на Лукашенко има повеќе права од белорускиот народ