Извршниот комитет на ФИБА поради пандемијата со коронавирусот реши да воведе измени во начинот на кои ќе се играат квалификациските натпревари предвидени за ноември оваа година и февруари 2021 година.
Земајќи го предвид здравјето и безбедноста на играчите, тренерите и службениците и следејќи ја препораката од Медицинската комисија и Комисијата за натпревари, ФИБА реши сите натпревари во двата „прозорци“ да се спроведуваат во т.н. „меури“ (bubbles), наместо на домашни или на гостински терени.
Секој „меур“ ќе се состои од четири или осум екипи (една или две квалификациски групи).
Домаќините ќе бидат одредени на регионално ниво и ќе бидат објавени во догледно време.
ФИБА ќе продолжи да ја следи ситуацијата со КОВИД-19 на дневна основа и да комуницира со нови ажурирања во врска со натпреварите на ФИБА кога е потребно.
Ова би требало да значи дека наредните натпревари на македонските сениорски селекции во квалификациите за Евробаскетот 2021 година, ќе ги одиграме турнирски, на домашен терен, или на теренот на некоја од противничките селекции.
Кошаркарите во ноември требаше да гостуваат во Италија и Естонија, додека во февруари наредната година во Скопје беше закажан мечот со Русија.
Што се однесува за оној женски дел од квалификациите за Евробаскетот 2021, согласност со календарот, нашата женска сениорска репрезентација во ноември ја чекаат дуели со селекциите на Хрватска (гости), на 12 ноември, и на Германија (дома), 15 ноември, додека во февруарскиот, наредната година, следуваат уште два натпревари.
Мечот на гостински терен, против селекцијата на Летонија, на 4 февруари, како и оној на 7 февруари, 2021 кога сме домаќини на репрезентацијата на Хрватска.
фото/kfsm.mk
> Квалификациите за ЕП ќе се играат турнирски <