Утрински Весник
Свет

Кадиров е лут на портпаролот на Кремљ: „Нешто мора да се преземе“

Кадиров е лут на портпаролот на Кремљ: „Нешто мора да се преземе“

Озлогласениот чеченски лидер Рамзан Кадиров е крајно лут на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пишува британски „Taјмс“.

Песков наводно го налутил Кадиров затоа што не му честитал за унапредувањето кога минатата недела му беше доделен чин генерал-полковник.

Чинот му го додели лично рускиот претседател Владимир Путин.

Чеченскиот лидер во својата објава за Песков на „Телеграм“, вели дека скалата на приоритети поставени од Песков е неприфатлива и дека нешто мора да се преземе во врска со тоа. Инаку, Песков со години е со рускиот претседател и припаѓа на најтесниот круг на негови соработници.

Пред Кадиров никој досега вака не го нападнал Песков, а озлогласениот Чеченец јавно го критикуваше и преговарачот со Украинците, Владимир Медински. Тој е човек избран лично од Путин.

Британски „Тајмс“ споменува свиркач од руските безбедносни служби кој тврди дека Кадиров се осмелил да ги дискредитира шефовите на тајните служби бидејќи војната го охрабрила на тоа. Свиркачот смета дека е можно Путин да му дозволи на Кадиров да преземе дел од тие работни места.

Но, не мислат сите исто, па Татјана Становаја од Московскиот центар Карнеги не смета дека тоа е реално. Таа наведува дека Кадиров е проблем за Кремљ, но дека Путин во моментот е премногу силен, па за него тоа не претставува голем проблем.

Становаја смета дека Путин мора да го покани Кадиров во Кремљ и да му објасни кои граници не може да ги премине. „Путин е зафатен со други работи во моментот“, изјави Становаја за „Тајмс“.

 

 

Можете да прочитате

Калас за прелетот на руски дронови над Полска: Чин што ги загрозува безбедноста на ЕУ, стабилноста и меѓународниот мир 

Почина Чарли Кирк, Трамп нареди знамињата на САД да се спуштат на половина јарбол

Маск повеќе не е најбогатиот човек на светот