Утрински Весник
Магазин

Италија: Средновековно село, потопено пред 25 години, можеби повторно ќе излезе на површина

Италија: Средновековно село, потопено пред 25 години, можеби повторно ќе излезе на површина

Милано, 23 јуни 2020 (/) – Селото Фабриче ди Карегина во Италија, кое потекнува од 12. век, веќе 25 години е под вода. Но, наскоро тоа можеби повторно ќе излезе на површина…

Средновековната населба имала свои жители сè до 20. век. Се наоѓа во областа Тоскана, а првпат била евакуирана и намерно поплавена во 1946 година, при изградба на хидроелектричната брана на вештачкото езеро Ваљи. Половина век подоцна, тоа целото потонало.

Потонати под 34 милиони кубни метри вода, скоро непроменетите градби и зданија на напуштеното село, вклучувајќи камени куќи, мост, гробишта, како и црквата Сан Теодоро, сè уште се гледаат, но само кога браната се празни поради одржување. Според тамошните надлежни за туризам, ова се случило само четирипати откако селото било поплавено – во 1958, 1974, 1983 и 1994 година.

Езерото денес има улога на резервоар за вода во случај на пожар. Во своја Фејсбук-објава, Лоренца Џорџи – ќерка на поранешниот градоначалник на општината Илио, Доменико Џорџи, посочи дека тоа може да биде исушено догодина. Властите веќе неколку години се обидуваат да го испразнат езерото и да го вратат уништеното село на површина, оти така би се решиле многу прашања околу туризмот и отворањето нови работни места.  си/ссм/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Граѓанска наука во служба на природата: Мобилна апликација за следење и истражување на пеликаните

Македонските тимовина СТЕМ Академија со врвни резултати на Светската олимпијада за роботика во Грција

Меѓународниот саем за туризам ќе се одржи на средината на месецов на планината Качкар во Турција