Утрински Весник
Македонија

Исполнети критериумите за датум, можност тоа да се случи пред Самитот на ЕУ во мај

Вархеји: Ќе продолжи интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ

Скопје, 19 февруари 2020 (МИА) – Од Европската комисија се сè појасни сигналите дека Северна Македонија го исполни сè она што од неа се бараше и дека земјата одговори на сите барања што се наведуваа во извештаите на ЕК, со што се отвора патот за отпочнување преговори за членство и пред Самитот на ЕУ во Загреб во мај.

Европската комисија вчера го повтори ставот дека преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да започнат што е можно поскоро со оглед дека ги исполнија условите. Брисел се надева дека овој чекор може да се случи пред Самитот на ЕУ и Западен Балкан, во мај во Загреб.

Портпаролката на еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, Ана Писонеро, вчера истакна дека Комисијата смета дека двете земји ги исполнуваат критериумите за отпочнување на разговорите, кои беа блокирани од неколку европски земји предводени од Париз.

– Ние сме подготвени. Се надеваме дека тоа може да се случи пред Самитот во Загреб, но не може да предвидиме како ќе се однесуваат земјите членки, додаде Писонеро запрашана дали Франција ќе го подигне ветото за почеток на преговорите со двете земји.

Извештајот за напредокот на Северна Македонија и Албанија се очекува до 4 март, а идејата е Европската комисија да излезе со него кога сите земји членки ќе бидат позитивни за давање зелено светло за датум за почеток на преговорите со Унијата, потврдија во понеделникот за МИА дипломатски извори од Брисел. Извештајот треба да биде усвоен на состанокот на еврокомесарите, кои имаат средба в среда, 4 март.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји е оптимист дека Северна Македонија и Албанија ќе ги испорачаат реформите потребни за зачленување во Европската Унија.
– Двете земји не се откажуваат од реформите… и ќе видите дека тие ќе испорачаат, и ако го сторат тоа, можете да бидете уверени дека ќе има отворање преговори, рече Вархеји, додавајќи дека е многу охрабрен од посетата на Северна Македонија и Албанија минатиот месец. Нагласи дека „се нуди членство, ништо друго“.
Коментарите на Вархеји доаѓаат откако францускиот претседател Емануел Макрон, кој во октомври го блокира отпочнувањето преговори со Скопје и со Тирана, минатата недела рече дека има волја да даде зелено светло за двете балкански земји да почнат преговори, доколку извештаите на ЕК, што се очекуваат во првите денови на март, се позитивни за овие две земји.

Премиерот Оливер Спасовски вчера во Брисел имаше средба со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, кој даде целосна поддршка за сите реформски чекори што Владата, Собранието и граѓаните ги донесоа во изминатиот период.
– Сасоли и Спасовски се согласија дека успешните реформи и новата методологија се важни чекори кон скорешно отпочнување на преговорите за членство. Таа цел е заедничка на сите европски институции и најголем дел од државите членки на ЕУ, било констатирано на средбата.
Претседателот на ЕП истакнал и дека Западен Балкан е стратегиски регион за ЕУ и дека тој при посетата на нашата земја се уверил оти граѓаните силно веруваат во ЕУ и во заедничката иднина. Во таа насока, рекол Сасоли, Европскиот парламент ќе даде свој придонес за поддршка на Западен Балкан на Самитот во Загреб.

Евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар вчера во пишана изјава го поздрави усвојувањето повеќе реформски закони, вклучително и Законот за јавно обвинителство.
– Нивната имплементација треба да го зајакне владеењето на правото и ќе овозможи подобра професионализација и ефикасност на судството за добросостојба на граѓаните на Северна Македонија, рече тој.
Евроамбасадорот, во пишаната изјава, наведува дека го поздравува фактот што Собранието пред да се распушти поради закажаните избори на 12 април, ги донесе и Законот за Советот за јавни обвинители и Законот за управување со движењето на предметите во судовите. Овие закони, заедно со Законот за лицата без регулиран граѓански статус, и Изборниот законик, кореспондираат со препораките на Извештајот на ЕУ за земјава и ја потврдуваат заложбата на Северна Македонија да продолжи по патот на интеграцијата во Европската Унија, наведува Жбогар. 

Брисел ја претстави новата методологија на почетокот на февруари, со која им се дава поголема улога на 27-те земји членки да го вратат на почеток процесот на преговори ако државата кандидат не напредува во реформите за членство во Унијата.
На овој начин Комисијата сака да ги вклучи земјите членки во процесот на пристапување преку годишни лидерски самити, кои ќе вршат преглед на статусот на преговорите и ќе ангажираат експерти од членките во дадени полиња. На земјите кандидати, пак, новата методологија треба да им овозможи поголеми бенефиции во форма на инвестиции. нд/ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина