Утрински Весник
Свет

Ирска воведе најстроги мерки против коронавирусот во Европа

Ирска воведе најстроги мерки против коронавирусот во Европа

Ирскиот премиер Михаел Мартин го потврди враќањето на највисоко, петто, ниво на ограничувања во борбата против коронавирусот, кое ќе трае шест недели.

„Нивото на ограничувања поврзани со Ковид-19 се зголемува од сегашното 2 на највисоко ниво- 5“, потврди Мартин.

Мерките, кои стапуваат на сила од среда на полноќ, се едни од најстрогите во Европа и ќе вклучуваат затворање на продавниците за малопродажба, освен за основните потреби, ограничување на патувањето на граѓаните на пет километри од нивните домови, а рестораните и пабовите ќе можат да работат само со испорака.

Училиштата ќе останат отворени, а градежните работи ќе продолжат. Хотелите можат да останат отворени, но само со нужниот персонал.

„Во обид да се бориме против вирусот, го воведовме веројатно најстрогиот европски режим“, рече Мартин во телевизиско обраќање.

Иако земјите кои се борат со високи стапки на заболени, како што се Белгија, Холандија и Франција, ги затворија баровите, рестораните и воведоа полициски час ноќе, ниту една нема толку строги ограничувања за патувања во земјата.

Во неделата, по петти пат во рок од девет дена, Ирска го сруши својот рекорд по бројот на регистрирани случаи за еден ден и има 12-та највисока стапка на заболени меѓу 31 европска земја.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Пет ракети истрелани од Либан врз Израел

Трамп именуваше голем број нови кандидати за клучни позиции во неговиот кабинет

Биткоинот достигна рекордни 98.000 долари