Скопје, 24 март 2020 (МИА) – Податоците добиени од вториот бран на истражувањето на агенцијата Ипсос за перцепциите на граѓаните за корона вирусот, спроведено од 16 до 20 месецов покажуваат зголемување на загриженоста на граѓаните. Бројот на оние кои изразиле голема или многу голема загриженост дека лично, или член на нивното семејство, би се инфицирале од корона вирусот, се зголеми од 38 проценти на 52 проценти.
– Зголемувањето на бројот на заболени од корона вирусот во нашата земја ја зголемува загриженоста на граѓаните, па веќе секој втор наш сограѓанин е во голема мера или многу загрижен за сопственото здравје и здравјето на своите најблиски. Податоците укажуваат и на тоа дека и младите сериозно ја сфатиле работата, односно бројот на загрижени за себе и за своите блиски на возраст од 18-29 години се зголеми од 28 проценти на 47 проценти, истакнуваат од агенцијата Ипсос.
Според истражувањето, граѓаните сметаат дека надлежните институции продолжуваат навремено и добро да ги информираат за секојдневниот развој на ситуацијата, како и дека и продолжуваат со доброто справување со ситуацијата поврзана со корона вирусот.
– За разлика од првиот бран на истражувањето кога, според податоците, граѓаните ја перцепираа заканата од коронавирусот поголема за светот, отколку дома, во вториот бран на истражувањето граѓаните веќе согледуваат дека короната не е некаде далеку во светот, туку тука, кај нас, и претставува закана и за нашата земја , наведува Ипсос.
Истражувањето беше спроведено во вид на телефонска анкета, на национално репрезентативен примерок од 500 граѓани во периодот од 16 до 20 месецов. лв/сп/