Утрински Весник
Македонија

Инфо ден во Чешиново-Облешево за мерките од ИПАРД 2014-2020

Инфо ден во Чешиново-Облешево за мерките од ИПАРД 2014-2020

Кочани, 28 февруари 2019 (МИА) – Секторот за управување со ИПАРД фондови при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска во просториите на Општина Чешиново-Облешево организираше Инфо ден со земјоделците, при што беа претставени начините за спроведување и користење на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија за рурален развој – ИПАРД 2014 – 2020.

На средбата беа претставени ИПАРД можностите за македонските рурални средини преку Мерката 1 што се однесува на примарното земјоделско производство, Мерката 3 за преработка на земјоделски производи и Мерката 7 наменета за диверзификација на фарми и развој на бизниси.

– Минималната вредност на прифатливи трошоци за кои земјоделецот може да добие поддршка за своите инвестиции е 3.000 евра, а максималната е 1,5 милион евра, при што му се враќаат 60 отсто од парите. Ако се работи за млад земјоделец до 40-годишна возраст, процентот за кофинансирање е 65 отсто, а за инвестиции во ридско-планински области е 70 отсто, рече Виктор Младеновски од Секторот за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство.

Младеновски информира дека ако се инвестира во опрема, како онаа за управување со арско ѓубре во сточарските фарми за ефикасна употреба на азотни ѓубрива, за енергетско ефикасни објекти, за производство на биоенергија и енергија од обновливи извори, како и за третман на отпадни води стапката за кофинансирање од ИПАРД се зголемува за дополнителни 10 отсто од вредноста на споменатата опрема.

На земјоделците им беше објаснето дека неопходната документација што треба да ја обезбедат за да поднесат барање за поддршка е иста како и во изминатите повици, меѓу кои и обврската за оправдување на економската исплатливост на барањето, односно бизнис план за инвестиции над 50 илјади евра или технички проект за инвестиции под 50 илјади евра.

Како новина за овој повик е што Мерката 1 првпат ќе се спроведува според новите правила за ИПАРД, односно барањата треба да бидат комплетни од самиот почеток за да се забрза процесот на разгледување и одобрување на проектите, а Платежната агенција да има повеќе време да објави нов јавен повик.

На презентацијата беа претставени и успешно реализирани проекти од претходните јавни повици преку ИПАРД Програмата.та/бт/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство

Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз

Три години од трагедијата во Бугарија во која загинаа 45 македонски државјани