Утрински Весник
Македонија

Инспекциските служби спровеле 11.358 надзори за спроведување на владините мерки

Инспекциските служби спровеле 11.358 надзори за спроведување на владините мерки

Скопје, 24 март 2020 (МИА) – Инспекциските служби во периодот од 19 до 22 март годинава спровеле вкупно 11.358 надзори на терен во насока на спроведување на владините мерки за справување на ширење на корона вирусот, информираше денеска претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Државен пазарен инспекторат извршил вкупно 9.650 надзори, при што се затворени вкупно 21 угостителски објект и тоа во Скопје, Куманово, Битола, Кочани, Гостивар и Струга.

Во истиот период, Државниот пазарен инспекторат направил и 869 надзори за контрола на замрзнатите цени, при што кај одредени трговци од малопродажба е констатирана промена на цените на неколку производи, но субјектите се веднаш задолжени да постапкат по одлуката и да ги вратат старите цени од 11 март годинава.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во овој период извршил вкупно 111 надзори и констатирал дека генерално се почитуваат владините мерки.

– Дополнително во овој период од четири дена од инспекторатот се издадени и 5.130 дозволи за влез на професионални возачи на товарни возила за влез во Република Северна Македонија. Овие дозволи се потребни за непречено снабдување на државата со неопходните стоки, но под посебен протоколарен режим, изјави Филиповска-Грашкоска.

Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од 19 до 22 март се спроведени вкупно 189 надзори, при што се констатирани оредени неправилности.

– Во два објекти е констатирана работа на лица без санитарни прегледи, неправилно означување и неводење записи. Во три објекти констатирани се неправилности во однос на општата хигиенска состојба во објектите. Во девет месарници е констатирано неправилно декларирање на месото и несоодветен термички режим на чување. Постапено е од страна на инспекторите и укажано на субјектите да ги отстранат сите недостатоци, изјави Филиповска-Грашкоска.

Државниот инспекторат за транспорт констатирал дека нема промена во меѓуопштинскиот сообраќај и се одвива со намален интензитет до 80 проценти, додека меѓународниот линиски превоз на патници е целосно во прекин.

Од страна на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) извршени се девет инспекциски надзори.

– Тука би ги издвоила надзорите кои се однесуваат на следење на доставата на подлоги за бриз од Институтот за јавно здравје Скопје до ЈЗУ Општа болница Дебар, како и надзорите со кои се врши контрола на достава на лекови во овие општини, изјави Филиповска-Грашкоска.

Од Државниот инспекторат за труд биле реализирани вкупно 463 контроли, при што се донесени 11 решенија и 20 укажувања за работодавачи кои не постапиле согласно владините мерки.

Претседателката на Инспекцискиот совет, уште еднаш порача дека секој што нема да ги почитува мерките од Владата ќе биде санкциониран без исклучок, бидејќи се донесени за заштита на јавното здравје и на животот и здравјето на сите нас поединечно. аа/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ