Од овој викенд, службите на Инспекторатот на град Скопје ќе ги казнуваат несовесните посетители кои ќе хранат и вознемируваат животни во Скопје Зоо. Санкционирани ќе бидат и оние кои ќе фрлаат отпадоци во живеалиштата на животните и по патеките.
Под мотото „Подарете љубов, а не храна“ Зоолошката градина ја почнува кампањата за заштита и благосостојба на животните.
„Низ годините многу несовесни посетители фрлаат храна која е несоодветна и штетна за нив и покрај таблите со кодекс на однесување кои се поставени на влезот и низ градината, каде јасно е истакнато се она што е забрането“, велат од Скопје Зоо.
Строго забрането е хранење и допирање на животните, било какво вознемирување на животните и фрлање предмети и отпадоци во нивните живеалишта, тропање по оградите и стаклата, прекачување преку огради и влез во забранети зони.
Животните имаат свои таблички за исхрана и секоја храна надвор од тоа е штетна за нив.
„Имаме животни дијабетичари кои не смеат да јадат банана, портокал и јаболко, или пак голем дел животни за кои зелката е најштетна. Доколку посетителите сакаат интеракција и хранење на животни, за тоа постои делот Бејби Зоо, каде под надзор на вработени секој посетител добива пакетче храна за животните и може да ги погали и одблизу да се запознае со процесот на чување на миленик“, наведуваат од Зоолошката градина.
Оттука ги потсетуваат сите кои сакаат да хранат животни, дека на улиците има многу бездомни кучиња и мачиња, како и птици кои се гладни, па доколку ги нахранат со соодветна храна ќе направат хумано дело.