Утрински Весник
Економија

Инспектори ќе ги едуцираат угостителите за почитување на протоколите

Инспектори ќе ги едуцираат угостителите за почитување на протоколите

Скопје, 28 мај 2020 (МИА) – Инспектори во наредните десет дена ќе ги едуцираат угостителите за спроведувањето на протоколите и во овој период тие ќе имаат и информативна функција. Целта е на сите угостители да им се објаснат мерките што мора да ги почитуваат со цел спречување на ширењето на Ковид-19 во овие објекти, информира денеска на прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска.

– Формираме тимови на инспектори кои во наредниот период ќе вршат надзор врз спроведувањето на контролите во угостителските објекти што првенствено ќе имаат едукативна и информативна функција, односно ќе вршат запознавање на угостителите со протоколите во детали, изјави таа.

Филиповска Грашкоска смета дека десет дена е доволен период за да се известат сите, но доколку се појави потреба и понатаму ќе продолжат со ваквите посети.

Таа истакна дека доколку се забележи оти и покрај укажувањето тие продолжуваат да не ги почитуваат протоколите, тогаш ќе има и казни. – Не можеме да толерираме до бескрај, меѓутоа, фокусот е за почеток да им се објасни на сите угостители кои се мерките, и што е тоа што мора да го почитуваат, појасни Филиповска Грашкоска.

Претседателката на Инспекцискиот совет најави дека во овие тимови ќе има инспектори од Државниот пазарен инспекторат, од Државниот инспекторат за труд, Агенцијата за храна и ветеринарство, а новина е што тимовите ќе бидат засилени со контролори од Управата за јавни приходи. – Потенцирам дека ќе имаат пред се задача да ги запознаат и едуцираат угостителите, со содржината и начинот на спроведување на протоколот за отворање и работа на кафетерии, и протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана, рече таа, истакнувајќи дека прв приоритет на сите треба да биде јавното здравје, и ги повтори главните поенти од протоколите.

– Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана утврдува дека работното време е ограничено од 8 до 22 часот и се дозволува работа само на отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување кои се од три страни отворени со кровна конструкција. Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на раце, а се ограничува и бројот на гости, односно ќе се послужуваат само гости кои може да седат и лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на гости со стоење на шанк и стоечки маси, рече таа.

Натаму, Филиповска Грашкоска потсети дека протоколот наведува оти е задолжително менаџирањето на влегувањето на гостите за кое е потребно да се определи одговорно лице, на отворениот простор за послужување на гости каде има поставено маси да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5 до 2 метри со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столици може да се послужуваат и четири лица доколку се од исто семејство.

– Протоколот дозволува максимален број на 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1,5 метар. Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на лична хигиена – често миење на раце во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна од страна на одговорното лице, истакна Филиповска Грашкоска.

Таа посочи и дека се наложуваат засилени санитарно хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатството од производителот при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот од смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси согласно упатството од производителот, а алтернативно може да се користи и 0,05 постотен натриум хипохлорид односно 5 отсто белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100 или 70% алкохол за дезинфекција на горните површини.

Исто така, претседателката на Инспекцискиот совет, потсети и дека протоколот утврдува оти е задолжително редовно одржување на тоалетите со водење на евиденција за спроведеното чистење и со употреба на наведените дезинфекциони средства. Во тоалетите е забрането користење на сушачи за раце, а задолжително е користење на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

Во оваа фаза, додаде Филиповска Грашкоска, протоколот забранува организирање на какви било прослави, како што се родендени, свадби, крштевки и слично.

Таа информира и дека во периодот од 19 до 26 мај инспекторите од шесте инспекциски служби извршиле 2.375 инспекциски надзори.

– Државниот пазарен инспекторат изврши најголем број надзори односно 1.289 вонредни инспекторски надзори во правни субјекти од нивна надлежност за контрола на владините одлуки. Државниот инспекторат за труд, пак, во истиот овој период спроведе 436 контроли. Во врска со работите поврзани со трудовото право, владината одлука од вчерашната 57-ма седница за враќање на работа од 1 јуни не важи за хронично болните, родителите кои имаат деца на возраст до 10 години или деца на претшколска возраст и бремени жени, па би ги повикала работодавачите да продолжат да го почитуваат ова право на работниците се до донесување на друга одлука, рече таа.

Инспекторите од АХВ извршиле 192 контроли, инспекторите од ДЗСИ, пак, реализираа 234 инспекциски надзори, а инспекторите од Државниот инспекторат за транспорт направија 180 надзори во наведениот период, а инспекторите од МАЛМЕД реализирале вкупно 44 вонредни инспекциски надзори.

Истакна дека се констатирани одредени прекршувања на владините одлуки и секој од инспекторатите во рамки на своите надлежности, како и во целиот период досега постапија во насока на санкционирање на прекршувањата или со давање на упатства за нивно надминување. нд/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“