Македонска Каменица, 21 февруари 2020 (МИА) – Импров-групата „Настап“ синоќа во Македонска Каменица првпат реализираше перформанс – шоу базирано на театарска импровизација. Мартин Манев и Сергеј Димов, членови во групата, се задоволни од приемот на публиката.
– Импров-настапот се состои од игри кои се користат за време на театарска претстава и кои се адпаптирани за да може да склопиме едно доста комплексно шоу, без сценарио, со многу забава и во прекрасна атмосфера. За вакви настани треба посебен простор за да може публиката да учествува во интеракцијата, Всушност, тие ги креираат сцените, а ние ги играме. За среќа, вечерва имавме многу добра публика и атмосфера во киносалата во Македонска Каменица, со што настапот беше успешен, истакнаа членовите на „Настап“.
Импров-групата „Настап“ во март одбележува три години постоење. Во Скопје играат во МКЦ, а претходно настапиле и во бифето на Факултетот на драмски уметности.
Претставата беше само дел од богатата културна понуда која во изминатиот период ја организира Културно-информативниот центар „Романса“. Директорот Горан Огнановски за наредниот период најави нови активности за сите генерации публика.
-Очекуваме претстава за деца, ликовна изложба и два филма за кинопроекција, синхронизирани на македонски и наменети за најмалите. Воедно подготвуваме активности и за 8 Март – Меѓународниот ден на жената, рече Огнановски. вс/хс/