Израелските борбени пилоти и нивните германски колеги денеска ќе им оддадат почест на жртвите на Холокаустот со симболична прелетување над концентрациониот логор „Дахау“ како дел од првите заеднички воени вежби во Германија, пренесува „Дејли мејл“.
Формацијата од борбени авиони, вклучувајќи ги израелските Ф-16 и авионите „јурофајтер“ на германскиот „Луфтвафе“, ќе ја прелетаат и блиската воздухолповна база „Фурстенфелдбрук“ за да ја одбележат годишнината од масакрот на Олимпијадата во Минхен во 1972 година, во кој беа убиени 11 Израелци.
Авионското оддавање почест ќе биде главен момент на двенеделни маневри на кои за прв пат израелските воздухопловни сили ќе бидат на германско тло. Поради пандемијата на Ковид-19, таа е единствената мисија за обука што Израелските воздухопловни сили (ИАФ) ја спроведуваат во странство оваа година.
Началникот на „Луфтвафе“, Инго Герхарц, ја нарече заедничката вежба знак на нивното пријателство денес. Тој рече дека таа е исто така потсетник дека Германија има трајна одговорност да се бори против антисемитизмот со најголема конзистентност поради своето нацистичко минато.
ИАФ соопшти дека мисијата, која ќе трае до 28 август, ќе им даде шанса на нивните пилоти да вежбаат во непознато опкружување и ќе вклучува симулирани борби во воздух, битки воздух- земја и ракетни закани. Израелските пилоти за време на распоредувањето ќе учествуваат и на воздухопловните маневри со Германија и другите членки на НАТО.
Германија и Израел ја засилија својата воена соработка во последниве години, при што „Луфтвафе“ учествуваше на заеднички вежби во израелската пустина Негев во 2019 година. Но, важната израелска посета на Германија е обременета со историја.
Комеморациите денеска ќе почнат со заеднички прелет над базата „Фурстенфелдбрук“ пред Минхен, каде што девет члена на израелскиот олимписки тим беа убиени во престрелка откако беа земени како заложници од палестинските милитанти. Вооружените лица претходно застрелале израелски тренер и спортист во Олимпиското село.
„Тие беа убиени од страна на заеднички непријател на Израел и Германија: теророт“, изјави израелски офицер на воздухопловните сили, кој побара да бидет идентификуван само како „мајор Т“.
Германските и израелските авиони потоа ќе продолжат кон „Дахау“, каде ќе летаат ниско над нацистичкиот логор на смртта изграден во 1933 година, кој служеше како модел за другите логори. Повеќе од 40.000 Евреи беа убиени во Дахау за време на Втората светска војна.