Израелските сили застрелале и повредиле глув Палестинец на воен контролен пункт во Ерусалим, соопшти израелската полиција, пренесува „Хаарец“.
Според извештајот, 60-годишниот Палестинец бил застрелан и ранет денеска од припадници на израелска приватна компанија за обезбедување на контролниот пункт „Каландија“, премин помеѓу Ерусалим и северниот дел на Западниот Брег, неколку часа по друг инцидент со пукање во Витлеем.
Според изјавата на граничната полиција во Израел, 60-годишник се приближил до контролниот пункт пеш во лентата резервирана за возила. Човекот не одговорил на повиците да застане, а обезбедувањето го застрелало во долните екстремитети. Тие тогаш сфатиле дека човекот има хендикеп и не може да слуша или комуницира.
Според изјавата, Палестинецот се здобил со полесни повреди и е хоспитализиран.
Полицијата во соопштението вели дека чуварот од обезбедувањето бил задржан на сослушување по пукањето, а полицијата отворила истрага за инцидентот.
Претходно, еден Палестинец беше застрелан во близина на гробот на Рејчел во градот Витлеем. Според соопштението на армијата, тој се обидел да фрли молотов коктел на светилиштето кое е под израелска контрола.
Во 2002 година Израел изгради ограда за раздвојување околу гробот на Рејчел, ефективно припојуваји ја локацијата кон Ерусалим. Нема информации за состојбата на напаѓачот, но според палестинските извештаи, 18-годишникот бил ранет и однесен во болница во Витлеем и неговата состојба е стабилна.