В петок, со почеток во 12 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложбата „Марини“ од авторот Ацо Таневски. Изложбата содржи 28 дела, пејзажи масло на платно, изработени во периодот од 2002-та до 2012-та.
За самата изложба авторот Таневски ќе каже: „На моите дела се прикажани марини, од морето, езерото. Тоа беше моја преокупација 15-тина години. Делата се продукт на мојата филозофија дека човекот е напасник на планетата и природата. Ја уништуваме природата, околината а со тоа и морските површини. Затоа на моите дела отсуствува човекот, таму е дадена самата природа, која е недопрена …“
Изложбата е проект од национален интерес во културата од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајн за 2020 година, финансирана од Министерството за култура.
Промоторот на изложбата, Елица Николова, историчар на уметноста при Народен музеј Велес ќе запише: “ Живеејќи во време на глобално загадување на животната средина и драстично намалување на чистите еко-системи за преживување на животинските и растителни видови, егзотично изгледа сликан пејзаж и необично звучи класичен ликовен пристап и приказ на недопрена природа. Водата како извор на праживот во различна форма, морски брегови, езера и реки, слатка и солена вода) е главен мотив на сите дела. На сликите е забележливо отсуството на човекот, и предмети направени од човечка рака.“
Ацо Таневски роден 1965 година во Скопје. Завршил средно уметничко училиште во 1984 год. како и Факултет за ликовни уметности (педагошки, отсек сликарство) 1991 во Скопје. Член на ДЛУМ од 1993 година, и активен член на Сојузот на ликовни педагози. Има 10-годишно искуство од областа на образованието. Во моментов вработен како ликовен едукатор во Национална галерија на Македонија. Организатор на едукативни работилници и изложби за млади. Освен со ликовна, се занимава и со театарска и книжевна уметност. Учесник на преку 100-ина групни изложби во земјата и во странство, како и на 40 – тина ликовни колонии.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 14 април.
Текстот Изложба на слики „Марини“ од Ацо Таневски во Куманово е превземен од МАКФАКС.