Скопје, 10 април 2020
ДО ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
(Eкономски совет)
МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
ПРЕДМЕТ
БАРАЊЕ ЗА ИЗЗЕМАЊЕ НА ПРИВАТНИТЕ СТОМАТОЛОШКИ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ
ОД ЧЛЕН 4 И ЧЛЕН 7 НА УРЕДБАТА НА ВЛАДАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДРШКА НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ОД ПРИВАТНИОТ СЕКТОР ЗАРАДИ ИСПЛАТА НА ПЛАТИТЕ ЗА МЕСЕЦИТЕ АПРИЛ И МАЈ 2020 ГОДИНА ИЛИ ДОНЕСУВАЊЕ НА ПОСЕБНА УРЕДБА ЗА ОВИЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ
Почитувани,
Нашето барање се однесува пред сѐ за приватните здравствени стоматолошки установи и
заботехничките лаборатории, а свесни сме дека и други ПЗУ од областа на медицината ќе се најдат во слична или иста ситуација во услови на здравствено економска криза предизвикана од вирусот COVID – 19.
Со Одлука на Министерството за здравство најголемиот број на ПЗУ од областа на стоматологијата и заботехничките лаборатории привремено ја прекинаа работата. Многу мал број се ангажирани во дежурни служби за извршување на итни стоматолошки интервенции.
Гледано од финансиски аспект најтешко погодени ќе бидат ПЗУ надвор од мрежата, односно тие кои немаат склучено договор со ФЗОРСМ , бидејќи тие создаваат приходи единствено преку наплатување на услугите со лични средства од пациентите.
Во слична ситуација ќе се најдат и ПЗУ со склучен договор со ФЗОРСМ во кои докторите имаат мал број на пациенти запишани по основ на капитација, бидејќи освен капитацијата која не ги покрива ни минималните плати, сега не можат да остварат дополнителни приходи.
ПЗУ надвор од мрежата кои немаат склучено договор со ФЗОРСМ во месеците на кризата со пандемијата практично остануваат со нула приходи, па ограничувањата за користење на помошта од Член 4 и член 7 на уредбата не би требало да важат.
Од овие причини предлагаме ПЗУ да бидат изземени од ограничувањата на Член 4 од Уредбата и:
1. За сите Приватни здравствени стоматолошки установи надвор од мрежата и во мрежата, како и заботехничките лаборатории, финансиската подршка да изнесува во висина на бруто минимална плата по работник.
2. Приватните здравствени установи да немаат обврска за враќање на средствата користени како финансиска подршка за исплата на плати.
ЗДРУЖЕНИЕ НА ПРИВАТНИ ЗДРАВСТВЕНИ СТОМАТОЛОШКИ УСТАНОВИ И ПРИВАТНИ ДОКТОРИ ПО ДЕНТАЛНА МЕДИЦИНА
_________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.