Епидемијата на корона вирусот доведе до привремено укинување на зонското паркирање во некои од градовите во земјава. Во Охрид и Куманово платениот паркинг беше укинат со воведувањето на полицискиот час и мерките за заштита од Ковид-19 во текот на март, но во овие градови од неделава повторно ќе се наплаќа паркирањето за секој изминат час.
Општина Штип, пак, допрва ќе го укинува зонското паркирање за граѓаните во текот на мај и јуни. Наспроти Охрид и Куманово кои сопреа со наплата како мерка за превенција, штипските власти ја презедоа оваа мерка за да им излезат во пресрет на граѓаните и правните субјекти кои се финансиски преоптоварени од корона кризата. Во текот на двомесечниот период, вработените од паркинг службата ќе бидат ангажирани на други работни позиции.
И додека во некои градови платеното паркирање е привремено укинато, двете јавни претпријатија за управување со паркиралиштата во Скопје непречено работат. Поради воведениот полициски час, но и намаленото движење на граѓаните, приходите од наплата за паркирање на ЈП „ПОЦ“ и ЈП „Градски паркинг“ се намалени. Сепак, допрва ќе се прават пресметките за тоа колкави се загубите што ги нанесе корона кризата кај нив.
„Поради актуелните случувања и корона вирусот, јавните претпријатија на Град Скопје, како и сите други јавни државни и приватни претпријатија, работат со сериозно помали приходи. Во моментов се прават анализи и проекции од страна на јавните претпријатија за намалените приходи и истите ќе бидат доставени до Град Скопје“, велат за „Мета.мк“ од Град Скопје.
По анализирањето на намалените приходи, она што ќе следи е нивното предвидување како дополнителна ставка за одлив на средства, која што ќе се направи со ребаланс на Буџетот на Град Скопје. На ЈП „Градски паркинг“ со актуелниот буџет му следуваат субвенции од само 7,5 милиони денари.
Од ЈП „ПОЦ“ ја немаат завршено анализата за тоа колкава е штетата од корона вирусот, но најавуваат дека ќе испратат информација штом ја подготват истата. Паркирањето на нивните паркинзи во центарот на Скопје и понатаму се наплаќа, а веќе 4.000 корисници ги користат нивните услуги по електронски пат. Како мерка за заштита од ширење на корона вирусот, шалтерите за прием на странки на ЈП „ПОЦ“ не работат, а сите услуги граѓаните можат да ги добијат на веб платформата poc.mk. Паркирањето се наплаќа во работните денови до 17 часот, во сабота до 13 часот, а пајак службата функционира во овие термини кога е дозволено движење на граѓаните.