Скопје, 6 мај 2020
Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува вербалните закани кон новинарот Мишко Иванов, испратени до него на социјалната мрежа Фејсбук. Вчеравечер, веднаш по завршувањето на интервјуата со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, извесен Бобан Петровски испратил порака полна со говор на омраза и закани до новинарот на ТВ24. Откако Иванов ја објави пораката на својот профил на Фејсбук, новинарките Анета Додевска и Наташа Стојановска исто така посочија дека во последно време и тие биле мета на напади, односно и до нив биле испратени пораки со слични содржини.
Го повикуваме Министерството за внатрешни работи итно да отвори истрага за овие закани кон колегите и да поднесе пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на заканувачите. Заканите и говорот на омраза не спаѓаат во доменот на слобода на говорот и може да предизвикаат сериозни последици и самоцензура кај новинарите. Единствено преку строга санкција на ваквите закани од страна на институциите ќе може да се спречат идни напади и закани кон новинарите. Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите, бидејќи тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот. Затоа, инсистираме МВР и ОЈО веднаш да изнајдат начин за ефикасно истражување на ваквите закани.
Ја потсетуваме јавноста дека доколку сакаме да имаме функционална демократија потребно е високо ниво на слобода на говор и изразување, а такво нешто не може да се постигне доколку новинарите и медиумските работници работат под постојан притисок и закани, бидејќи на тој начин единствено ќе се придонесе за создавање на атмосфера на страв и самоцензура.
Овие закани кои претставуваат напад врз слободата на известување и слободата на медиумите ќе бидат пријавени до сите домашни и меѓународни организации кои се бават со одбрана на слободата на изразувањето.
Здружение на новинарите на Македонија
__________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки