Утрински Весник
Македонија

ЗНМ: Важноста на независното и професионалното новинарство стана поважна од кога било

ЗНМ: Важноста на независното и професионалното новинарство стана поважна од кога било

Одбележувајќи го Светскиот ден за слобода на медиумите – 3 мај, денес во услови на светска здравствена криза, повеќе од кога и да е претходно стана јасно значењето на независното и професионално новинарство, велат од Здружението на новинари на Македонија. Кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19, велат од ЗНМ, ги исфрли на врвот сите доблести, но и слабости на новинарството кое во изминатиот период минува низ сериозни промени и премрежја.

„Професионалното наспроти пропагандистичкото новинарство, денес е повеќе од било кога предизвик за сите нас, да се обидеме да го одржиме квалитетот на новинарите кои ја негуваат слободната мисла како водич, низ пречките со кои се соочува светот, но и Северна Македонија. Одговорното и професионално новинарство токму во оваа кризна ситуација се покажа како клучно во насока на информирање на граѓаните. Затоа, Здружението на новинари на Македонија заедно со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, повикуваат на солидарност и поддршка, пред сè од јавноста, за новинарите и медиумските работници кои во изминатата година се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски, но и етички предизвици, во обидот соодветно и навремено да ја информираат јавноста за случувањата поврзани со Ковид-19 пандемијата“, се наведува во соопштението.

Од ЗНМ велат дека борбата против дезинформациите кои се покажале како особено штетни во вакви предизвикувачки времиња е можна само со производство на објективни и точни информации и транспарентна работа на Владата и на другите јавни институции.

Но, велат од ЗНМ, не е само пандемијата дел од сликата за новинарството и медиумите денес.

„Бавниот напредок на медиумските слободи на светските листи што ги мерат овие параметри покажува дека се потребни дополнителни напори на целата заедница во Северна Македонија, за посилен пробив кон листата на земји во кои медиумите се целосно слободни. Новинарството мора да се третира како јавно добро, а протокот на информациите не смее да биде ограничен“, велат од ЗНМ.

Како продолжување на соработката со Мисијата на ОБСЕ во рамките на која минатата година беа распределени 150 пакети заштитна опрема од Ковид-19 до 100 медиуми, денес, по повод одбележувањето на Светскиот ден за слобода на медиумите, ЗНМ со помош на ОБСЕ обезбеди 120 комплети од елеци и заштитни капи, кои ќе помогнат репортерите кои присуствуваат на настани со зголемен ризик да бидат попрепознатливи и на тој начин подобро заштитени.

Можете да прочитате

Николовски: Царинската управа ги затегна чешмите, се оди во Буџетот, рекордна наплата на приходите 

СДСМ: Орекстриран страв за бегање од одговорност- кукавички обид на ДПМНЕ за префрлање вина врз СДСМ

Врнежи од снег во неколку градови и на планините, забрана за тешки возила на Стража и на патот Маврово -Дебар