Утрински Весник
Спорт

Зијеш ги однесе Челси во финалето на ФА купот

Зијеш ги однесе Челси во финалето на ФА купот

Фудбалерите на Челси ќе играат во финалето на ФА купот. „Сините“, во првото полу-финале, го совладаа Манчестер сити со 1:0. Голот кој го реши победникот го постигна Хаким Зијеш во 55.минута.

Натпреварот наречен „финале пред финалето“ во ФА купот, понуди малку возбудувања и многу тактички надмудрувања помеѓу Томас Тухел и Пеп Гвардиола.

Сито во првиот дел немаа чиста шанса за постигнување гол додека Челси сериозно се заканија преку Чилвел во 21.минута. Претходно, во седмата минута, ВАР поради офсајд го поништи голот на Зијеш.

Во вториот дел, Сити ја имаа топката во свој посед, додека Челси се определија за контранапади.

Контрата, и асистенцијата на Вернер кон Зијеш им го донесе водечкиот гол на „сините“.

До крајот на мечот, Сити имаше две полу-шанси преку Стерлинг, на спротивната страна ВАР го поништи голот на Хаверц.

Челси и минатата година играше во финалето, но не успеа да го освои. Инаку, ова ќе биде четврто финале во ФА купот за Челси во последните пет години. Оваа година „сините“ ќе се обидат да ја освојат деветтата титула во ФА купот.

Последен пат екипата од „Стенфорд Бриџ“, триумфирала во ФА купот во 2018 година.

Челси во финалето ќе игра против победникот од утрешното полу-финале помеѓу Саутемптон и Лестер.

Финалниот меч ќе се одигра на „Вембли“, на 15.мај.



> Зијеш ги однесе Челси во финалето на ФА купот <

Можете да прочитате

Чави и да не се премисли останува во Барселона

Јокиќ со нов рекорд во НБА

Медведев – Синер е првата полуфинална двојка на Мастерсот во Мајами