Невладините организации алармираат за ново масовно труење на кучиња во Битола. Според нив во изминативе два дена во 14 населби било фрлено големо количество отров и затруени се голем број на кучиња, а едно се бори за живот.
„Членови на Здружението за заштита на животните ‘Мали херои’ од Битола и Фондацијата Бибевски испративме претставка и кривична пријава со спроведен записник до СВР Битола и Основно јавно обвинителство Битола во кое бараме согласно со Кривичниот законот, да се спроведе казна за фатен сторител на дело“, соопштија од здружението.
Според нив, труењето на бездомните животни, и опасноста од расфрлање на отрови и отровни материи на јавни површини се сериозни проблеми со кои граѓаните многу често се сретнуваат и неопходно е да им се стави крај.
„Апелираме на граѓанска одговорност, совесност и свесност во вакви случаи веднаш да се повика полиција и се пријави делото. Очекуваме темелна истрага од полицијата, зошто фрлањето отрови е опасно за сите, и прашање е на време кога нечиј живот ке биде загрозен. Потсетуваме дека отровот има подеднаква раздорна моќ да за 5 минути убие и некое дете. Апелираме дека оној кој на ваков начин убива животни, не е стабилна личност и е опасност за секого.
Потсетуваме и дека овие дејствија се забранети со закон и претставуваат Кривични дела, по членовите 218- загадување на животната средина, 232-внесување опасни материи во земја,233-мачење на животни, 234-тешки дела против животната средина и можеби најважно 288-предизвикување општа опасност од Кривичниот закон, за кои може да се добие казна затвор од 6 месеци до 10 години“, се додава во соопштението.