Утрински Весник
Економија

За пет дена извршени 174 вонредни контроли во маркети, евидентирани мали отстапки

За пет дена извршени 174 вонредни контроли во маркети, евидентирани мали отстапки

Скопје, 21 март 2020 (МИА) – Операторите со храна ги почитуваат општите хигиенски барања при манипулацијата со храна, а нема отстапки ниту во поглед на спроведувањето на пропишаните превентивни и мерки за заштита од страна на Владата.

Ова го констатираа инспекторите за храна и официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кои од 16-ти овој месец спроведуваат засилени контроли како дел од мерките за справување со корона вирусот во земјава.

Како што вели за МИА директорот на АХВ, Зоран Атанасов, за пет дена се извршени 174 вонредни инспекциски контроли во продавници, маркети, хипер маркети каде се врши продажба на храна, месарници, угостителски објекти и ресторани кои вршат подготовка на храна и продажба на алтернативен начин – со достава на храна до дома или со подигнување нарачка надвор од угостителските објекти преку штанд или пулт, согласно препораките на Владата.

-Со спроведените 22 контроли во производството, 56 во прометот, 121 контрола во угостителски и пет во водоснабдителни објекти, евидентирани се мали отстапки кои се однесуваат на незаверени санитарни книшки, несоодветно водење записи и неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација. За констатираните недоследности се изречени четири мерки едукација и се издадени три решенија за отстранување на недоследностите, истакнува Атанасов.

Според него, засилените контроли продолжуваат и во наредните денови, а се насочени кон спроведување на правилата за Добра производствена и хигиенска пракса во објектите, кон личната хигиена на вработените, кон тоа дали се вршат редовни санитарни прегледи согласно Законот за безбедност на храна, каква е хигиената при манипулација и подготовка на храната, при транспорт и дистрибуција, дали се запазува температурниот режим при чување и транспорт/дистрибуција.

-Контроли се вршат и на хигиената на транспортните средства, материјалите кои доаѓаат во контакт со храната, означувањето на производите, рокот на употреба, чувањето, како и тоа дали се врши редовно чистење и дали се спроведуваат засилени и чести дезинфекции на работните простории, превозните средства и опремата за транспорт на храна за повеќекратна употреба, согласно препораките на Владата, нагласува дректорот на АХВ, Зоран Атанасов. мч/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија