Прилеп, 20 март 2020 (МИА) – Македонскиот полициски синдикат со донации ќе обезбеди вкупно 15.000 заштитни маски за полициските припадници кои, заедно со медицинскиот персонал, се најзагрозени од корона вирусот. Синдикатот денеска подигна преку 400 заштитни маски што бесплатно ги произведе прилепската конфекција „Кули“ за да им ги достави, во текот на денот, на колегите во најзагрозеното подрачје – Дебар.
Според претседателот на Македонскиот полициски синдикат Марјан Кицев, синдикатот кој брои преку 8.500 членови во Министерсвото, во Агенциите за разузнавање и за национална безбедност и од Упрвата за финансиската полиција, во големата донација помогнаа повеќе компании, зашто материјалот е обезбеден од штипска фирма, а изработува прилепскта.
-Упатуваме јавна благодарност до модната конфекција „Еам“ од Штип која бесплатно донираше 100 килограми памучно предиво за изработка на заштитни маски и до прилепската конфекција „Кули“ која бесплатно, почнувајќи од завчера почнува да изработува и ќе изработи 15.000 заштитни маски . Се одважија на повикот на Полицискиот синдикат да помогнат во овие тешки моменти да изработат 15.000 заштитни маски кои синдикатот деновиве ќе ги подели на вработените во МВР кои се меѓу првите на удар во одбраната на безбедноста и сигурноста на граѓаните во оваа состојба на глобална пандемија од корона вирусот. Се надеваме дека со оваа значајна донација ќе се покренат свеста и одговорноста и хуманоста кај другите компании. Инаку, во оваа наша активност помагаа и други општествено-одговорни компании, како: рудникот „Саса“, „Бентон-и“ од Куманово, „Белдона ММС“ и Макпрогрес“ од Виница, како и други конфекции кои ја најавија својата помош, изјави Кицев.
Синдикатот издвоил значајни средства за набавка на гумени ракавици, средства за дезинфекција и секојдневно ги дели меѓу колегите низ државава. Не се задоволни од Министерството кое седум дена вели дека ќе набави по завршувањето на тендерот.
-При неколку наврати се обидовме да го предупредиме Министерството за состојбата помеѓу вработените кои секојдневно бараа помош од Синдикатот. До денеск Министерството сѐ уште не не контактирало да ја пренесеме состојбата на теренот и изложеноста на опасност на вработените во МВР: Затоа порачуваме дека Полицискиот синдикат, како единствен репрезент на над 8 500 членови останува на заштитата на членовите. Овие маски се за повеќекратна употреба и со изработката на вкупно 15 000 заштитини маски, ќе се задоволат потребите. Според податоците од теренот, Министерството има поделено од 4 до 5 000 заштитни маски. Нешто минатиот пат ние дониравме, дел колеги сами си купуваат. А за дензифекциони средства и да не се зборува. Еден литар алкохол за полициска станица е ништо, а во некои станици нема ниту однесено. Од МВР велат само дека тендерите се во тек и ќе има наскоро. А тоа е така повеќе од 7 дена. Вака преку донации и наша ангажираност и најавата дека и други компании ќе помогнат, се надеваме дека ќе ги задоволиме основните потреби на колегите, бидејќи, заедно со медицинскиот персонал се први на удар на оваа пандемија. Еве, сега, од Прилеп, со донацијата ќе се упатиме во најкризниот Реон, Дебар и сета донација ќе им биде поделена на колегите, објансува Кицев.
Полицискиот синдикат смета дека на терен полицајците не се заштитени. – На терен ситуацијата е алармантна. Колегите немаат доволно, ниту минимум средства за заштита, па се вклучивме да им помогнеме на колегите колку што можеме, рече Кицев.
Менаџерот на прилепската конфекција „Кули“, Александар Мариноски, вели дека работат заштитни маски и за медицинскиот персонал
-На нашата објава дека ќе изработиме бесплатно маски, прв се јави Полицискиот синдикат. Синдикатот го обезбеди материјалот од Штип и ние бесплатно ги изработуваме вложувајќи и репроматеријал. Бидејќи први на удар се лекарите и полицајците, изработуваме маски за лекарите преку прилепескиот кризен штаб. За полицијата треба да изработиме околу 15 000 заштитни маски, а за лекарите се надеваме и повеќе. Дневно може да се изработуваат, за полицијата околу 500, а за другите сектори преку кризниот штаб далеку поголеми количества, изјави Мариноски.
Според најновите информации, во Прилеп полицијата обезбедува 135 лица во самоизолација. За седум има кривични пријави дека не ги почитувале мерките, но и еден притвор. Прилепчанец (35) бегал со своето „Ауди 6“ од полицијата која морала и со истрели да интервенира за да го запре возилото. Лицето не ја почитувало самоизолацијата и е однесеново притвор. ем/мч/