Делчево, 30 април 2020 (МИА) – Општина Делчево денеска доби 2.500 заштитни маски, како и по 100 скафандери и заштитни очила. Станува збор за донација од фондацијата „Бугарско сеќавање“ која е дистрибуирана до Општина Делчево во соработка со Амбасадата на РСМ во Софија, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст.
Изразувајки благодарност за несебичната поддршка и соработката на повеќе полиња до Фондацијата и нејзиниот претседател Милен Врабевски, градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски истакна дека во услови на пандемија и на криза се познава пријателот.
-За нас оваа донација е добредојдена и е чин на пријател кој се грижи и дава поддршка во најтешките денови кои ги живееме. Изразувам голема благодарност до д-р Врабевски и Фондацијата за несебичната поддршка на регионот и на Делчево и верувам дека со вистински пријатели и добра мисла можеме да излеземе победници во борбата со невидливиот непријател, истакна Трајковски.
Овој чин на Фондацијата, како што додаде, претставува продолжување на децениската поддршка на регионот во делот на академскиот развој, но и грижата за здравјето на граѓаните.
Донацијата, според предвиденото, ќе биде поделена на Здравствениот дом, полицијата, ТППЕ Делчево, а маски ќе се поделат и по урбаните и месните заедници. Освен Делчево ваква донација доби и Општина Струмица. вс/рп/