Утрински Весник
Македонија

Законот за лекови доби зелено светло, ВМРО-ДПМНЕ не гласаше

Законот за лекови доби зелено светло, ВМРО-ДПМНЕ не гласаше

Измените на Законот за лекови и медицински помагала со кој се уредува набавката на вакцините од компанијата „Фајзер“ го помина првиот филтер во Собранието со поддршка од 60 пратеници.

Овојпат, иако присутни во салата, пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за законот. При гласањето немаше против и воздржани. Законот ќе се носи по скратена постапка, при што прво ќе биде разгледан од собраниските комисии за здравство и законодавно-правната, по што се враќа на пленарна седница за дискусија и усвојување.

Предлогот за измена на законот доаѓа од Владата, со образложение дека Собранието треба да го изгласа откако компанијата „Фајзер“ упати специфично барање за обезбедување документација потребна за набавка на конкретниот продукт, вакцината против Ковид-19.

„Република Северна Македонија заради заштита на населението од коронавирусот пристапи кон COVAX механизмот за набавка на вакцини против Ковид-19, преку кој обезбеди 833.000 дози од вакцината. Исто така, во тек се и разговори со Европската комисија за набавка на вакцините против Ковид-19, како и директни разговори со производителите на вакцини. Врз основа на претходнонаведеното, во услови на пандемија на Ковид-19, прогласена од Светска здравствена организација, кога директно се загрозени животот и здравјето на луѓето, се утврди потреба од создавање законски основ за издавање одобрение за ставање во промет на вакцините против Ковид-19, кога подносителот на барањето нема седиште на територијата на Република Северна Македонија, како и за издавање на условно одобрение за ставање во промет во случај кога барателот кон барањето не ја доставил целокупната документација“, стои во образложението на измените на Законот кој пратениците треба да го разгледаат и донесат.

Гласањето на овој закон се случува откако на 18 јануари седницата беше прекината, бидејќи Собранието не можеше да обезбеди кворум од 61 пратеник за работа. На седницата отсутен беше пратеникот Дарко Каевски, кој пријави дека е позитивен на коронавирусот, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ не влезе во салата и не гласаше.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!

Лукаревска: Со гордост ја напуштам функцијата, на Фани ѝ посакувам успех во зацврстувањето на социјалдемократските вредности

Зоран Заев единствен државник од Балканот спомнат во мемоарите на Меркел