Утрински Весник
Македонија

Заев: Ќе се укине пржинската влада, нема повеќе ниту министри без ресор

Заев: Ќе се укине пржинската влада, нема повеќе ниту министри без ресор

Укинување на т.н. пржинската влада и промена на изборниот модел веќе за следните локални избори, кои трeба да се одржат в година, најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како мерки што ќе ги преземат заедно со ДУИ како дел од владината коалиција.

Тој посочи дека ќе се намалува администрацијата за 20 проценти со цел граѓаните да добијат поквалитетни и побрзи услуги, но и борба со коронавирусот, корупцијата, намалување на привилегиите што ги добиваат функционерите.

„Пржинската влада ќе се укине и Мицкоски даде согласност за тоа. Се укинува со простото мнозинство. Логично е кога ќе се укине, да го почнеме овој формат. Бидејќи ДУИ ја покажа својата големина, затоа и СДСМ реши да покаже доблест. Во такви околности решивме идниот премиер да биде во тие 100 дена од албанска националност, ќе може да ја извршува таа функиција. Во едни такви околности секој има право на шанса, без разлика дали е Албанец, Србин, Бошњак“, рече Заев.

Во однос на кадрите во институциите, Заев рече дека ќе бидат предложени квалитетни, отчетни и одговорни луѓе. Тој посочи и дека нема во владата да се предлагаат министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските места.

„Во првите шест месеци ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковниот договор, кои останаа нераспоредени во државните институции. Согласни сме за неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата, на сите нивоа, без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат. Согласни сме да се спроведе прочистување на правосудството и проверка на капиталот кај секој функционер по пат на систем кој заеднички ќе биде договорен и ќе ги земе предвид најдобрите европски практики. Постои согласност да се зголеми отчетноста на сите нивоа на власта и да им се намалат привилегиите на функционерите. Постои согласност заштитата на животната средина да биде еден од врвните приоритети. Борбата со коронавирусот да биде врвен приоритет преку темелен и транспарентен пристап“, рече Заев.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Да ја оспориме неправдата – претседателката Сиљановска Давкова на 16 дена активизам против родово-заснованото насилство

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

Мицкоски: Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција