Утрински Весник
Економија

Заев: Сите се согласивме дека избори треба да има 22 дена по укинување на вонредната состојба

Заев: Сите се согласивме дека избори треба да има 22 дена по укинување на вонредната состојба

Скопје, 12 мај 2020 (МИА) –  Лидерот на СДСМ Зоран Заев по денешната средба на претседателите на партиите кај претседателот на државата Стево Пендаровски, рече дека за време на разговорите биле проектирани одредени датуми за одржување на парламентарните избори, во зависност од тоа дали и за колку време би се продолжила вонредната состојба.

Според него, сите се согласиле дека избори треба да има 22 дена по укинување на вонредната состојбата.

-СДСМ и коалицијата на сите можни начини направи демократски исчекори да се свика Парламентот и да биде ставен во функција. Претседателот на Собранието одлучи дека не може да се свика, а и Уставниот суд на двапати потврди дека не може да се свика. Со тоа денеска барем стана јасно дека единствено закажувањето на изборите е согласно Уредбата со законска сила на Владата која што се однесува на 22 дена од завршувањето на вонредната состојба во државата. Утврдувајќи ги сите овие правни  аспекти, барем еден значаен дел денеска заокруживме, рече Заев.

Истовремено, рече лидерот на владејачката партија, било важно што се проектираа одредени потенцијални датуми.

-Доколку теоретски нема трета вонредна состојба, значи дека изборите би биле на 8 јуни, ако се прогласи нова вонредна состојба од 30 дена изборите би биле на 7 јули, а ако се направи прогласување на вонредна состојба од две седмици тогаш изборите би биле на 21 јуни, а ако се прогласи вонредна состојба уште една седмица изборите би биле на 14 јуни. Така стојат правните аспекти за коишто денеска се дискутираше и немаше некои спротивставувања на правните аспекти, истакна Заев.

Заев кажа дека било договорно Владата да побара попрецизни одговори од ОБСЕ/ОДИХР кога и колкава мисија би можела да прати во земјата и од Комисијата за заразни болести да димензионира протоколи за однесување имајќи предвид дека митинзи нема да може да има, дали може да се оди од врата на врата, колкаво групирање може да има, каков ќе биде протокот на гласање на самото избирачко место и слично. Претседателот на државата, според него, треба да одржи состанок со членовите на Државната изборна комисија (ДИК) за точните термини, како што кажа, „од – до проектирани за потенцијален датум за избори“.

-Значајно е што денеска неколку работи заедно ги договоривме. Дури и изборите да бидат и на 14 јуни, 30 дена од денеска натаму има за да може да се испрати покана до ОБСЕ/ОДИХР и да имаме набљудувачка мисија која што е многу важна. Втората работа е дека во рок од тие 32 дена, односно неопходните 10 дена пред кампања за ДИК се сосема доволни за да продолжи ажурирањето на Избирачкиот список што е незавршена постапка со замрзнувањето на изборните процеси преку Уредбата со законска сила, рече лидерот на СДСМ.

Заев кажа дека нема поважна работа за нив како политичари од здравјето на граѓаните, но оти истовремено сите се согласиле дека има целосно комплетна доверба од сите во нашите здравствени и стручни комисии што за него е сериозна валоризација на нашите здравствени работници, посебно на стручните експертски комисии.

На средбата било констатирано и дека сите ќе мора да живееме со коронавирусот затоа што ниту во светот, ниту во Европа, ниту во РСМ некој може да каже кога ќе заврши кризата.

-Тоа дефинитивно не стави во позиција сите да се согласиме дека ќе живееме со корона кризата и оттука произлегува можноста дека првиот важен момент и подготвен за избори треба да го прифатиме и да одиме на избори. Од проста причина што следните моменти по заминување на летото би биле почетокот на септември, крајот на септември, октомври, крајните датуми се веќе 29 ноември кога се пробиваат апсолутно сите рокови за мандатот на пратениците коишто беа бирани на 17 декември 2016 година, рече Заев.

Според него, здравствените и стручни комисии не можат да димензионираат датум за избори, туку можат да пропишат протоколи за да се утврди кога би биле изборите.

-Затоа побаравме макар да се утврди потенцијален датум. Зошто? За да можеме да побараме дали во тој рок може да ги заврши сите протоколи, да пропишат во тој рок дали здравствените комисии ќе ги направат сите можни ограничувања коишто предвидуваат и кампањски дел, а го предвидуваат и денот на изборите. Истовремено кога би утврдиле макар и провизорен датум за избори тогаш и ОБСЕ/ОДИХР ќе може посигурно да ни каже колкава би била обемноста на мисијата заради тоа што ОБСЕ/ОДИХР потврди дека ќе испрати набљудувачка мисија за изборите во РСМ, рече лидерот на СДСМ.

Водењето грижа за здравјето на граѓаните е ако навистина ги ставиме во функција сите институции, а тоа е Парламентот и политичката влада, која што ќе сноси одговорност. Во РСМ, Парламентот е нефункционален и има техничка влада, рече Заев.

Лидерот на СДСМ истакна дека опозицијата денеска не била спремна да разговара за датум и дека купува време. Сепак, верува дека на почетокот на наредната недела би  можело да биде постигнат договор за датум за избори.

-Треба час поскоро да воспоставиме институции коишто ќе функционираат во државата, тоа е политичка влада и пред се Парламент, сепак опозицијата не беше спремна денеска да разговара за датуми. Секако е спремноста за разговарање за датуми, јасно ја проектира работата, им треба време, сакаат дополнителен простор, буквално купуваат седмици и за мене тоа е разбирливо затоа што ниту Мицкоски ќе биде идниот премиер, ниту заради изборите ќе починуваат или ќе изгубиме граѓани, рече Заев.

Секако, додаде тој, овие избори нема да бидат како сите избори, но може да имаме ситуации и во јуни и во септември и во декември и идниот мај и идниот октомври, гаранција е само вакцината. Затоа, неговите очекувања се одговорноста на сите да биде на мксимално ниво.

-Верувам дека почетокот на следната седмица ќе можеме да им соопштиме на граѓаните кога ќе бидат испроектирани датумите за избори за да може да настапиме на изборите и да влеземе во подготовка на изборите. Уште еднаш напоменувам ако прошетате во Аеродром, во мојата Струмица, во Охрид ќе видите дека се потешко се почитува и полицискиот час. Зошто? Заради тоа што намалувањето на бројките, спласнувањето на кризата, целосно намалување на кривата со одредени џепови, како што викаат самите стручни луѓе, може да биде наш начин на живот во периодот којшто претстои, истакна лидерот на СДСМ, по средбата кај Пендаровски. ев/са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“