Скопје, 12 мај 2020 (МИА) – Лидерот на СДСМ Зоран Заев по денешната средба на претседателите на партиите кај претседателот на државата Стево Пендаровски, рече дека за време на разговорите биле проектирани одредени датуми за одржување на парламентарните избори, во зависност од тоа дали и за колку време би се продолжила вонредната состојба.
Според него, сите се согласиле дека избори треба да има 22 дена по укинување на вонредната состојбата.
Заев кажа дека било договорно Владата да побара попрецизни одговори од ОБСЕ/ОДИХР кога и колкава мисија би можела да прати во земјата и од Комисијата за заразни болести да димензионира протоколи за однесување имајќи предвид дека митинзи нема да може да има, дали може да се оди од врата на врата и слично. Претседателот на државата, според него, треба да одржи состанок со членовите на Државната изборна комисија (ДИК) за точните термини, како што кажа, „од – до проектирани за потенцијален датум за избори“.
-Водењето грижа за здравјето на граѓаните е ако навистина ги ставиме во функција сите институции. Во РСМ, Парламентот е нефункционален кај нас, рече Заев.
Лидерот на СДСМ истакна дека опозицијата денеска не била спремна да разговара за датум и дека купува време. Сепак, верува дека на почетокот на наредната недела би можело да биде постигнат договор за датум за избори. ев/са/