Утрински Весник
Македонија

Заев и Мицкоски не договорија датум за избор, комуникацијата продолжува

Заев и Мицкоски не договорија датум за избор, комуникацијата продолжува

Скопје, 12 јуни 2020 (МИА) – Без договор заврши средбата на лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со претседателот Стево Пендаровски околу одржувањето на изборите, но според најавите од соопштението на претседателскиот Кабинет, комуникацијата на лидерите ќе продолжи.

-На средбата се разговараше за различни аспекти на изборниот процес, при што и двете страни понудија аргументи во прилог на нивните позиции. На средбата не беше постигнат договор за одредување датум за предвремените парламентарни избори. Двајцата лидери се договорија да ја продолжат комуникацијата меѓу себе, стои во соопштението од Кабинетот на Претседателот.

И Заев и Мицкоски во куси изјави рекоа дека нема позитивен исход од средбата и оти во интерес на разговорите се усогласиле соопштение да објави претседателскиот кабинет.

-Во интерес на разговорите се договоривме претседателот на државата Стево Пендаровски да испрати соопштение. Не успеавме да постигнеме договор. Во интерес на тоа што оставивме можност секако во текот на утрешниот ден доколку една од страните заклучи дека треба да се слушнеме – ќе се слушнеме. Остануваме на соопштението. Нема да дадеме дополнителни коментари во делот на изјавата, ниту да даваме одговор на прашањата. Тоа е усогласен став со претседателот на државата Пендаровски и со Мицкоски, изјави Заев.

И Мицкоски упати на соопштението, потенцирајќи дека за тоа што се зборувало денеска и во деновите што ќе следат ќе има дополнителни информации зависно од развојот на настанате.

-Во интересот на процесот, во интерес на сложеноста на целата ситуација донесовме заеднички заклучок  претседателот преку соопштение ја информира јавноста за тоа што денеска се зборуваше и деновите коишто следат, што се пред нас, ќе имате дополнителни информации за тоа како ќе се развиваат настаните. Она што е важно е дека до овој момент се уште нема договор, изјави Мицкоски.

Средбата, што почна во 18:30 часот вечерва, уследи по денешниот повик од Пендаровски за решение за изборите за кои порача дека треба да се одржат, но да бидат во договор и со учество на сите политички субјекти. Ова е прва средба во ваков формат за изборите кај шефот на државата, откако на претходните две лидерски средби не беше постигнат договор за датумот за изборите, што беа одложени поради кризата со КОВИД-19.лв/вј/

Изјави по лидерска средба на Христијан Мицковски и Зоран Заев

Posted by MИА.mk on Петок, 12 јуни 2020

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје