Утрински Весник
Македонија

Заев: Бројките на новозаболени се директна последица од неработењето на Чулев

Заев: Бројките на новозаболени се директна последица од неработењето на Чулев

Скопје, 29 мај 2020 (МИА) – Бројките на новозаболени лица кои ги бележиме деновиве се директна последица од неработењето, популизмот и партиското профитерство на техничкиот министер Наќе Чулев и неговиот шеф Христијан Мицкоски, објави на својот фејсбук профил лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Со крајно неодговорната, евтина и популистичка изјава дека граѓаните не треба да се казнуваат кога не ги почитуваат мерките и задолженијата, посочува Заев, Чулев директно поттикна непочитување и прекршување на рестриктивните мерки и задолженија.

– Јавноста во бројни наврати беше сведок на масовни прекршувања на забраната за движење, забраната за групирање, непочитување на задолжително носење заштита опрема, а полицијата предводена од Чулев не преземаше ништо. Чулев и Мицкоски немаат никаква почит ниту кон здравствените работници, ниту кон експертите од Комисијата за заразни болести. Наместо да ја поддржат работата на Комисијата, тие бараат нејзино разрешување и со тоа истураат партиски бои врз епидемиологијата и сакаат да ги остават граѓаните на цедило, вели Заев.

Според Заев, денеска стигнува сметката од таквото несовесно, незрело и неодговорно однесување на Чулев кој по диктат на Мицкоски не презема ништо за да се санкционираат оние кои не ги почитуваат мерките и задолженијата.

– Мицкоски и Чулев се олицетворение на неодговорноста кои се водат од позицијата “колку им е полошо на граѓаните, толку е подобро за нивната партија”. Таквото антинародно и антидржавно однесување мора да запре, Чулев мора веднаш да поднесе оставка затоа што свесно го загрозува јавното здравје и свесно поттикнува незаконско постапување, објави лидерот на СДСМ на својот фејсбук профил.

Македонската полиција и македонските граѓани, посочува Заев, треба час поскоро да се ослободат од неодговорното однесување на Наќе Чулев.аа/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Хеликоптерот на МВР исфрли повеќе од 30 тони вода во реонот на Дојран

Давкова се обрати на годишниот настан на КСЗД „Разговори за еднаквост” на тема „Право на домување на Ромите”

Активни се 11 пожари, од нив само еден е под контрола, информира ЦУК