На денешната владина седница веше усвоен протоколот за работата на базените.
Протоколот за работа на базените во тек на пандемија со Ковид-19, покрај почитувањето на основните превентивни мерки за лична заштита, определува како задолжително пред билетарите да се обележи растојание (место за чекање) од 1,5 – 2 метри. Меѓу вработениот и посетителот да се обезбеди растојание од 1,5 – 2 метри или заштитна бариера. Да се препорача и практикува бесконтактно плаќање со кредитни картички. Да се обезбеди и препорачува онлајн купување на билети.
При влез во базенскиот дел, задолжително секој посетител да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера за миење на нозете.
Пред влезот на базените задолжително е да се постави дезбариера (подлога) за дезинфекција на сите посетители и да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете со известување за посетителите за задолжителна дезинфекција на рацете при влегување и да се постави пред влезот на сите простории во објектот.
Задолжително е редовно информирање на посетителите, а користењето на соблекувалните е дозволено по принцип еден посетител во една соблекувална со воспоставување на ред и незадржување од страна на назначени лица од редарска служба. Зачестено да се чистат и дезинфицираат соблекувалните на секои 2 часа (по потреба и почесто).
Сите вработени лица и посетителите до влегување во базенот задолжително да носат лична заштитна опрема на лицето што подразбира било каква форма на заштита којашто ги покрива пределот на носот и устата, како и да одржуваат физичка дистанца од 1,5 – 2 метри вклучително и во базенските води.
Се ограничува бројот на посетители во објектот согласно квадратурата на објектот, максимум 15 посетители на 100 м² нето површина (вклучително и површината на базенот) или еден пливач на 7 м² во базенот, и задолжително да се одредат лица кои ќе го контролираат бројот на пливачи во базенот (согласно погоре наведениот норматив) и кои ќе го контролираат на спроведување на мерките.
Протоколот ги утврдува и останатите санитарно – хигиенски мерки и препораки за вработените кои се задолжуваат да водат евиденција за секој тренинг, организирана спортско – рекреативна активност или слободно користење на базенот од страна на граѓаните со цел полесно епидемиолошко следење во случај на појава на заразен со КОВИД-19. За секој посетител да се обезбеди податок за време и дата на посета/тренинг, име и презиме, телефонски број за контакт, име на тренерот/група/инструктор итн.
На базените не се препорачува користење на угостителски услуги, а за оние во состав на хотелски капацитети се препорачува почитување на горенаведените препораки, со напомена користењето на базенот да биде дозволен само за гостите од хотелот.