Програмата на вториот дел на петтото издание на КРИК – фестивал за критичка култура завршува вечерва, во Музејот на современа уметност, во 19,30 часот со премиерна проекција на краткиот фотографски филм на Иван Блажев, „Сето време е сето време“, инспириран од литературното дело на Курт Вонегат, „Кланица 5“, за контроверзното бомбардирање на Дрезден на крајот на Втората светска војна.
Веднаш потоа следува предавањето на Небојша Вилиќ насловено „Пролегомена за една комунитативна ангажираност“, проследено со излагања на Натали Р. Павлеска и Јованка Попопова и разговор помеѓу тројцата учесници.
„Ако нормалноста на тековнава стварност ја определиме како „комунитативна“ тогаш и ангажираноста би можела да се определи како „комунитативна“, односно, да се воспостави ангажман на уметникот кој во себе ќе ја содржи и состојката на „комунативното“ и онаа на „комуникативното“. Поточно, културата и уметноста преку ваквата ангажираност би можела да стане поттикнувачка, дејствувачка и остварувачка алатка за постварување на намерата, потребата и нужноста за промена на тековнава општествено-економска формација во некоја друга, поинаква, а зошто да не и – нова. Во оваа прилика ќе се обидам да го определам поимот на „комунитативната ангажираност“, имајќи го на ум, пред сѐ, ставот на Жак Рансиер според кој: „Не постои ангажирана уметност,постојат само ангажирани уметници!“, вели професорот Вилиќ најавувајќи ја вечерашната дискусија.
Во рамки на програмата на вториот дел на КРИК 05, вчера вечер Станимир Панајотов (Бугарија) и Артан Садику (Северна Македонија) низ перфомативен теориско – поетски разговор, кој вклучуваше и музика и учество на публиката, говореа за поимот на сексуалноста во услови на посткапитализам, за личните искуства поврзани со смртта и теориските и политичките концепти во светло на актуелниот историски момент.
Како дел од овој настан насловен „Сексуалноста и смртта“, Панајотов и Садику ги читаа своите песни посветени на „оваа изопаченост наречена љубов“, на сексуалната „жед за анихилација“ и други „грандиозни неправилности“. Песните се дел од заедничката книга, која се состои од нивна поезија, заедничко читање и меѓусебно креативно уредување.