Корона вирусот и вонредните мерки за заштита и негово спречување не го променија датумот за крај на учебната година. Ќе заврши на 10 јуни како што беше пракса во минатото и пред пандемијата. Со затворањето на училиштата, настава се пренесе во домашни услови и до крајот на учебната година ќе се одвива на тој начин. Набрзо откако се соопшти оваа одлука, Министерството за образование и наука го објави упатството за наставници за начинот на оценување на учениците.
Но, упатството ја отвори дилемата што во ситуација кога учениците не се задоволни од својата оценка и истата сакаат да ја поправат. Министерот за образование и наука, Арбер Адеми на прес-конференција потсети на уредбата со која наставниците можат и преку онлајн начин да ги оценуваат учениците.
„Потпишав конкретно упатство, подготвено од Бирото за развој, како да се оценуваат учениците во овие услови од страна на наставниците. Досега не сме имале проблем околу процесот на оценување, и понатаму важат сите обврски кои би важеле и во редовни околности, но без физичко присуство“ – изјави министерот Адеми.
Наставничката Надица Таневска Јанева од средното училиште „Георги Димитров“ во Скопје, вели дека оценувањето е делот кој буди најголем интерес кај целата јавност, особено кај учениците и родителите.
„Фактот дека најголем дел од учениците веќе беа оценети со прва оценка во второто полугодие до некаде го олесни процесот на оценување, но секако се наоѓаат начини учениците да се дооценат и да се формира крајната, годишна оценка“, изјави Таневска Јанева за Мета.
Таа вели дека користи различни начини како да го реализира оценувањето.
„Учениците кои имаат желба да ја поправат оценката одговараат усно преку Зум апликацијата, тековно давам домашни, креативни задачи кои ги изработуваат. Насоките од МОН се такви што оставаат простор на наставникот да го реализира процесот и да изнајде најдобар начин“, појаснува таа.
На ова се надоврзува и Гордана Бошначка, наставничка во подрачното училиште „Страшо Пинџур“ во Грчиште, општина Валандово, која предава во комбинирана паралелка со ученици од прво до петто одделение. За далечинското учење најчесто ги користи платформата Зум и готовите часови од „Едуино“. Со децата работи преку презентации за Power Point, а кога се работи за оценување, таа на учениците им испраќа до 10 прашања од отворен карактер, со понудени одговори на заокружување, дополнување, цртежи, презентации и слично. Бошначка смета дека насоките од упатството се прецизни и јасни.
„Го имам прочитано упатството и се водам според него. Имам секојдневно следење на учениците за евидентирање на нивните постигнувања. Целокупниот труд од целата наставна година ќе има влијание во завршната оценка, не станува збор само за последното тромесечие кога настана ситуацијата со пандемија, зборуваме за годишна оценка. За оценувањето, влијае сè што е испратено како повратна информација“ – појаснува наставничката.
Со насоките во упатството од МОН предвидени се техники и методи како есејски прашања, избработка на проекти, Скајп или Вибер дискусии, мултимедијални презентации, изготвување постери, проекти/истражувачки задачи, тестови на знаења, контролни вежби на учениците и ученичко е-портфолио.
При оценувањето, наставниците, исто така можат да користат прашалник и квиз алатка за да направат тествови за тестирање со задачи и прашања со повеќечлен избор, отворени прашања, прашања со надополнување и кратки одговори и тоа преку користење на различни алатки за споделување на материјали, како што се: Google Forms, OneNote, Linolt, Padlet, Zoom, Kahoot, Mentimeter, Socrative, Microsoft Teams, SurveyMonkey, Quizlet, Edmondo, ClassDojo, Мој глас и други.
Според упатството, тестовите не треба да се обемни, односно се препорачува истите да содржат најмногу десетина суштински задачи или прашања.