Министерката за култура, Ирена Стефоска одржа онлајн работен состанок со директорите на заводите за заштита на спомениците на културата и музејските институции во земјава.
На состанокот се разговараше за активностите на овие институции, за потребите и проблемите со кои се соочуваат во текот на работата, како и за инвестициите и проктите кои, со поддршка од Министерството за култура треба да се реализираат до крајот на годинава.
Беше посочено дека институциите се соочуваат со проблеми од инвестициски карактер, недостиг од простор и техничка опременост, како и недостиг од технички и административен стручен кадар.
На средбата стана збор за активностите за реализација на проектите за кои се обезбедени средства од Министерството за култура како: конзервација и реставрација на фасадите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, за конзервација и реставрација на ентериерот на Мехмед Ефенди – Јени џамија во Битола, за првата фаза од проектот за конзервација и реставрација на sидното сликарство во црквата „Св. Димитрие“ во село Градешница Мариово, за тековно одржување и санација на оштетените делови од музејскиот комплекс Музеј на вода, реконзервација, реставрација и поставување на покривна конструкција на средновековната црква „Св. Четириесет маченици“ во селото Банско – Струмица, за реализација на проект за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата и трпезаријата во манастирот ,,Успение на Пресвета Богородица” – Трескавец, Општина Прилеп како и за Чарши џамијата, реализација на веќе изготвен основен проект со сите неопходни фази: архитектура, статика, машинство, водовод, електрика и партерно уредување, како и ППЗ и ХТ3 заштита на објектот „Куќа на Лазар Личеноски“ во Скопје, конзервација, реставрација и реконструкција и археолошки доистражувања на објектот Римски театар во Стоби, замена на кровен покривач на објектот сарај ,,Нијази бег“ во Ресен и други проекти.
Министерката беше информирана и за проектите што се поддржани во програмата за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на инвестициско и тековно одржување на објектите. Во тој контекст беше истакнато дека во Годишната програма за инвестиции за 2021 година се издвоени средства за изградба на „Стар театар“ во Струмица, чиј носител на проектот е Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од овој град, а годинава се обезбедени и средства за изработка на проектно- техничка документација за реконструкција на објектот на НУ Музеј на Република Северна Македонија.
Стефоска ја нагласи важноста на овие институции чие соодветно функционирање е од особено значење за заштита на културното наследство и посочи дека од директорите и воопшто од вработените во овие институции очекува конструктивност, професионалност и координативен однос во работата.
Текстот Заводите за заштита на споменици и музеите имаат недостиг од простор и техничка опременост, но и стручен кадар е превземен од МАКФАКС.