Лондон, 1 јуни 2020 (МИА) – Напаѓачот на Челси, Оливие Жиру изјави дека е загрижен за играњето без навивачи, но среќен што повторно е со своите соиграчи. Англиското фудбалско првенство ќе продолжи на 17 јуни по скоро 3 месеци пауза поради пандемијата од коронавирус, но на стадионите нема да бидат дозволени гледачи.
– Почнавме да тренираме на 19 мај. Одлично е да се вратиме на теренот, повторно да ги гледаме нашите соиграчи и само да играме фудбал. Ми недостасуваше сето тоа, рече Жиру во интервјуто за официјалната веб-страница на УЕФА.
Тој вели дека сè е многу невообичаено, откако работат во групи од пет лица и неопходно е да се задржи растојание од најмалку два метра, што значи дека физичкиот контакт е исклучен.
– Двапати неделно се тестираме за коронавирус. Не користиме простории за сместување, не се тушираме. Мораме да се пресоблечеме пред да заминеме дома. Покрај тоа, во моментов е многу жешко … Не се жалам, но многу се потиме! Ми недостасуваат натпреварите, адреналинот, навивачите. Загрижен сум за можноста да играм без публика. Но, сè е добро, сите роднини се здрави, така што не е редно да се жалам, рече францускиот напаѓач.