Новите рестриктивни мерки што ги објави премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, против ширењето на коронавирусот, наидоа на жестоки реакции во јавноста и деловните кругови.
Опозициските лабуристи бараат појаснување на предлогот за користење на војската како поддршка на полицијата во рамките на новите ограничувања за борба против коронавирусот.
Џонсон синоќа, презентирајќи ги новите мерки што во земјата може да останат на сила дури шест месеци, предупреди дека Велика Британија дошла до опасна пресвртна точка во борбата против коронавирусот.
Тој најави и можен ангажман на армијата за поддршка во спроведувањето и контролата на мерките.
Ги повика граѓаните да работат од дома, доколку се во можност, а од четврток баровите и рестораните ќе мора да затвораат во 22 часот и да ги служат гостите само на маси.
Критичарите веднаш потсетија дека владата не толку одамна ги повика сите да се вратат на работа, за да се заживее економијата.
Лидерот на лабуристите Кир Стармер го искористи својот прв говор на партиската конференција за да го критикува Џонсон за неговата наводна неспособност во борбата против пандемијата.
Во меѓувреме, портпаролот на Џонсон објасни дека ангажманот на војската ќе значи дека армијата исполнува одредени задачи, како што е заштитата на некои објекти, со цел полицијата да може потемелно да се посвети на спроведувањето на мерките против Ковид-19, пренесува „Скај Њуз“.
По однос на ова прашање се огласи и лидерот на партијата „Брегзит“, Најџел Фараж, пренесе „Дејли мејл“.
„Премиерот вели дека ние сме земја што ја сака слободата, но ќе ве казнува со 10.000 фунти и ќе испраќа војска по негова волја. Тоа е авторитарно”, напиша Фараж на „Твитер“.