Утрински Весник
Свет

ЕУ со предлог до Русија за меѓусебно признавање на Ковид сертификатите

ЕУ со предлог до Русија за меѓусебно признавање на Ковид сертификатите

Брисел и предложи на Русија да разговараат за можноста од нејзино приклучување кон програмата за Ковид сертификати и да разговараат за меѓусебно признавање на документите за вакцинација, изјави амбасадорот на Европската Унија во Москва, Маркус Едерер, пренесуваат регионалните медиуми.

Според дипломатот, законодавството и дозволува на Европската комисија да ја признае еквивалентноста на документите издадени во други земји.

„Ние му предложивме на руското Министерство за здравство да одржи вакви дискусии и доколку бидат успешни, тоа ќе го намали бројот на проблеми со кои сега се соочуваат патниците“, рече Едерер.

Тој исто така додаде дека е рано да се зборува за тоа кога границите ќе бидат целосно отворени. Сепак, посочува Едерер, земјите треба да се обидат да го решат прашањето за сертификати за вакцинација за да го олеснат движењето на луѓето.

Тој исто така додаде дека Русите се на прво место во добивањето на шенгенските визи.

„Бројот е намален поради пандемијата, но дури и сега Русите се најбројна група во однос на поднесените барања и добиени шенгенски визи“, прецизира тој.

Во исто време, Едерер ги отфрли тврдењата дека признавањето на вакцините во ЕУ, вклучително и рускиот „спутник В“, е исполитизирано.

Според него, тој се сретнал со инспектори од Европската агенција за лекови, кои се технички експерти.

„Процесот на сертифицирање на руската вакцина не треба да се политизира. Тоа е доверлив процес. Тој е во тек и се нарекува тековен преглед, тој во моментов се спроведува на „спутник В. Сигурен сум дека ќе заврши рационално и непристрасно“, рече дипломатот.

Претходно, шефот на РФПИ, Кирил Дмитријев, изјави дека Европската агенција за лекови нема никакви критички забелешки за време на испитувањето на руската вакцина „спутник В“, ниту кога станува збор за производствениот или клиничкиот дел.

Можете да прочитате

Кина повторно воведe портокаловo ниво за опасност од дождовни бури

Еден загинат, 11 повредени во судар на воз и туристички автобус во Русија

Поради екстремната жештина во Португалија за една недела умреа речиси 300 лица