Заканата на Европската комисија за блокирање на извозот на вакцини за коронавирус во земји со повисоки стапки на вакцинација, вклучително и Велика Британија, наиде на поддршка од Германија, Франција и Италија, соопштија европските власти и дипломатите.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се закани со забрана за извоз на вакцини со цел да се заштитат оскудните дози за сопствените граѓани кои се соочуваат со третиот бран на пандемијата, пишува „Ројтерс“.
Исто така, би било можно да се укинат патентите и да им се дозволи производство на независни производители, пренесува „Дојче веле“.
„Ние сме во криза на векот. Во моментов не исклучувам ништо. Брисел сака да обезбеди реципроцитет, ако ЕУ извезува во некоја земја, тогаш за возврат мора да дозволи извоз во ЕУ“, вели во изјава за европските медиуми претседателот на Комисијата.
На состанокот на европски дипломати, одржан веднаш по предупредувањето на Фон дер Лајен, Германија, Италија, Франција и Данска го поддржале ставот на Комисијата за построго спроведување на контролата врз извозот, тврдат тројцата дипломати кои присуствувале на состанокот, пишуваат медиумите во Европа.
Холандија, Белгија и Ирска беа повнимателни, кажале двете официјални лица, додавајќи дека дискусија за ова прашање ќе се одржи на самитот на лидерите на ЕУ.
„Сето тоа произлегува од растечката фрустрација со вакцината од ‘Астразенека’ и зголемениот притисок да се направи нешто во врска со тоа. Немаме доволно вакцини, извезуваме како луди, без да добиеме ништо “, рекол еден од дипломатите кои учествувале во дискусиите.
Друг дипломат во изјава за агенциите потврдил дека главната причина за поригорозниот став е недоволното доставување на вакцините од „Астразенека“ до Европската Унија.
Компанијата минатата недела објави дека има намера да достави до 100 милиони дози од својата вакцина до Европската Унија до крајот на јуни, наместо 300-те милиони предвидени во договорот, а како причина ги наведоа проблемите во производството и ограничувањата на извозот.