Утрински Весник
Македонија

ЕУ одобри безусловен почеток на преговорите со Северна Македонија

ЕУ одобри безусловен почеток на преговорите со Северна Македонија

 

Брисел, 24 март 2020 (МИА) – Министрите за европски прашања на ЕУ денеска одлучија дека Северна Македонија треба да ги започне преговорите без никакви дополнителни услови, јави дописничката на МИА од Брисел.

Денешниот министерски состанок се одржа преку видеоконференција – како и прес конференциите потоа – одлучено е да се одобрат заклучоците усогласени на амбасадорско ниво, односно дека Северна Македонија направила доволен напредок за да ги започне преговорите веднаш, додека пак за Албанија се поставени неколку дополнителни услови, поврзани за судството и борбата против корупцијата.

– Северна Македонија ја забрза работата од октомври, донесен е Преспанскиот договор, билатералниот договор со Бугарија кој дава пример за целиот регион, ова треба да го отвори патот за земјата, изјави еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, нагласувајќи и дека земјата успеа да го донесе и законот за јавно обвинителство во услови на техничка влада.

Комесарот оцени и дека по октомврискиот неуспех да се отворат преговорите и стапувањето во функција на новиот состав на Европската Комисија „работите не изгледаа добро“ за отворањето преговори со двете земји. Тој ги пофали реформите во двете држави и додаде дека денешната одлука, со оглед на тешкиот политички контекст во ЕУ поради коронавирусот е доказ за посветеноста на ЕУ кон регионот.

Со ист став настапи и хрватското претседателство, чија државна секретарка за европски прашања, Андреја Метелко Згомбиќ, рече дека денешната одлука  е добра не само за двете земји, туку и за самата ЕУ.

-Добра вест е што ЕУ и во време на предизвици успеа да остане фокусирана на носење стратешки одлуки, рече Згомбиќ.

Преговорите со Северна Македонија и Албанија беа единствена точка на денешниот состанок на министрите.

Следниот чекор сега треба да го направи Европската Комисија, на која и е дадено зелено светло за изготвување на преговарачката рамка со двете земји, по што ќе може да се одржи и првата меѓувладина конференција која го означува отворањето на првото поглавје.

Еврокомесарот Вархеји не сакаше да даде јасен датум за првата меѓувладина конференција, но потсети дека денешната одлука не значи дека земјите можат да престанат со реформските напори, напротив.

Според холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок, за Северна Македонија нема никаков проблем веднаш да се изготви преговарачката рамка на ЕК и да се одржи првата меѓувладина конференција, бидејќи нема дополнителни услови.

Состојбата ќе биде посложена за Албанија, оцени министерот.

Холандија посебно инсистира на реформски напредок од страна на Тирана во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и сака да види конкретни пресуди против високи функционери пред да даде зелено светло за првото поглавје. Тој потсети дека за Албанија ќе треба повторно да биде консултиран и холандскиот парламент, кој во октомври одби почеток на преговорите со Тирана.

Вархеји од своја страна се покажа поголем оптимист за Албанија и рече дека е охрабрен од огромниот напредок реализиран во последните месеци во оваа земја.тм/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор