Утрински Весник
Технологија

ЕУ ги казни „Валв“ и пет други компании поради ограничување на продажбата на видеоигри

Valve E1611325677379 696x492

Компанијата „Валв“ (Valve) заедно со уште пет други издавачи на видеоигри заработија вкупна казна од 7,8 милиони евра од страна на европските регулатори за монопол поради практиката позната како „гео-блокирање“, соопшти Европската комисија.

„Валв“ заедно со другите компании ја ограничила продажбата на видеоигри врз основа на географската локација на корисниците во рамките на Европската економска зона, пракса која се коси со законот за конкуренција во Европската Унија.

Од Комисијата додаваат дека ваквите практики кои опфатиле повеќе од 100 игри биле насочени кон одржување на разлики во цените помеѓу земји од источна и западна Европа и кон блокирање на корисници да купуваат игри на единствениот пазар на Европската Унија. Корисници кои живееле во земји со повисоки приходи биле спречени да ги купуваат игрите по намалена цена во други земји.

Казнетите издавачи побарале од „Валв“ да постави ограничувања и да ги блокира таканаречените „клучеви за активација“ на некои од игрите на платформата „Стим“ (Steam), која пак претставува најголем пазар за компјутерски игри и генерира најмногу приходи за „Валв“. Како резултат на ова, на корисниците кои живеат надвор од одредена земја-членка (надвор од Чешка, Полска, Унгарија, Романија, Естонија, Словачка, Латвија и Литванија) им биле испраќани блокирани клучеви и со тоа биле спречени да активираат дадена видеоигра на „Стим“, а ваквите практики во одредени случаи траеле и до пет години.

Маргарет Вестагер, извршната потпретседателка одговорна за политиката на конкуренција, рече дека ваквите практики ги лишуваат европските потрошувачи од придобивките на единствениот дигитален пазар на ЕУ.

„Повеќе од 50 отсто од Европејците играат видео игри. Индустријата за видеоигри во Европа напредува и сега вреди над 17 милијарди евра. Санкциите против практиката на гео-блокирање на Валв и другите пет компании за видеоигри служат како потсетник дека според законот за конкуренција на ЕУ, на компаниите им е забрането договорно да ја ограничуваат прекуграничната продажба“, изјави Вестагер во средата.

Помеѓу казнетите издавачи се јапонските гиганти за игри „Капком“ (Capcom) и „Бандаи Намко“ (Bandai Namco), американската „Зенимакс“ (ZeniMax), во чија сопственост е познатото студио за игри „Бетесда“, потоа францускат „Фокусхоум“ (Focus Home) и германската групација „Коч Медиа“ (Koch Media).

Поради соработка со Комисијата, казните за петте компании биле намалени, додека „Валв“, поради тоа што избрала да не соработува, заработи казна од над 1,6 милиони евра.

Од „Валв“ соопштија дека ќе ја обжалат одлуката на Европската Комисија.

„Во текот на седумгодишната истрага, Валв целосно соработуваше, обезбедувајќи ги сите барани докази и информации до Комисијата. Не се согласуваме со овие наоди и планираме да се жалиме на одлуката“ , изјавил Даг Ломбарди, потпретседател за маркетинг во „Валв“.

 

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

ПРОДАЖБАТА НА ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ ВО ЕВРОПА ВО 2023 ГОДИНА ПОРАСНАЛА ЗА РЕЧИСИ 14 ПРОЦЕНТИ

Jana

Новите очила на „Apple“ најверојатно брзо ќе се распродадат

Jana

Истражување на Касперски: Пандемијата го одложува напредувањето на жените во ИТ секторот

META