Утрински Весник
Свет

Ердоган бара преговори за две посебни држави на Кипар

Ердоган бара преговори за две посебни држави на Кипар

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, за време на посетата на самопрогласената Турска Република Северен Кипар, побара преговори за „две посебни држави“ на Кипар, отфрлајќи го обединувањето на островот како решение на кипарското прашање.

„Постојат два народи и две посебни држави на Кипар. Потребни се преговори за да се дојде до решение кое би се засновало на две посебни држави“, кажа тој го говор на северниот дел на Кипар каде што пристигна во текот на денот.

Последните преговори за мир меѓу кипарските Грци и кипарските Турци во 2017 година, под покровителство на Обединетите нации, а врз основа на идејата за обединување на островот, пропаднаа. Ердоган смета дека плановите за обединување се минато.

Турскиот претседател се сретна со новоизбраниот лидер на самопрогласениот Северен Кипар, Ерсин Татар.

Турција е единствената што го признава Северен Кипар

Турција е единствената земја која го признава Северен Кипар како независна држава.

Кипар се раздвои по турската инвазија во 1974, која беше одговор на државниот удар со кој Грција се обиде да го припои островот.

Ердоган истакна дека Северен Кипар и Турција повеќе нема да дозволуваат „дипломатски игри“ околу прашањето за меѓународното право на истражување ресурси во источниот Медитеран.

„Мир и стабилност во регионот не можат да бидат постигнати ако Турција и Северен Кипар не добијат праведен дел од територијалните права“, рече Ердоган.

Кипарскиот претседател Никос Анастасијадес ја оквалификува посетата на Ердоган како провокација и политика на „свршен чин“ која ја спроведува Анкара и со тоа покажува дека не го почитува меѓународното право.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Студија: Од 2023 до 2025 година Израел го напуштиле речиси 1.400 лекари

Истекува флексибилниот режим за биометриските проверки на границите за влез во ЕУ

Москва не ја исклучува можноста за тристрана средба Путин-Трамп-Шји