Скопје, 19 февруари 2020 (МИА) – Секретаријатот на Енергетската заедница (ЕЗ) на својата веб-страница го поздравува објавувањето на јавниот повик за изградба на две фотоволтаични електрани на просторот на поранешниот рудник за јаглен во Осломеј по пат на јавно-приватно партнерство.
-Со овој проект Северна Македонија покажува одличен пример како рудниците за јаглен можат да се трансформираат и да понудат нови можности за вработување на поранешните вработени во рудникот и одржлив регионален развој, порачува директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач.
Во текстот се посочува дека Северна Македонија започна со реализацијата на плановите за градба на фотоволтаична електрана на локацијата на рудникот за јаглен Осломеј во Кичево како дел од напорите за зајакнување на обновливите извори за енергија и борба против аерозагадувањето.
-На 11 февруари Владата го објави јавниот повик за изградба на две фотоволтаични електрани со вкупна инсталирана моќ од 100 мегавати по пат на јавно-приватно партнерство. Јавниот повик ќе трае до 8 мај 2020 година и во него се предвидува очекуваната инвестиција од 80 милиони евра во целост да ја покрие инвеститорот. Договорот за концесија ќе биде потпишан на 35 години после кои сопственоста на електраната ќе биде префрлена на јавниот партнер. Според тендерската документација, понудата ќе ја добие приватниот партнер (инвеститорот) што ќе обезбеди највисок процент на приход за јавниот партнер од струјата што ќе ја продаде на слободниот пазар согласно цените на регионалните берзи HUPEX и OPCOM, се прецизира во натписот на веб-страницата на Енергетската заедница. вј/скс/