Фестивалот на европски филм CINEDAYS, по повод 20-годишното постоење, воведува нова програма „Cinedays загревање – Европско патувачко кино под отворено небо“, како заеднички проект на Делегацијата на Европската Унија и Младинскиот културен центар, со цел претставување на нови европски филмови на отворено пред публиката во целата земја.
Европското патувачко кино под отворено небо е новата програма со која ќе се збогати јубилејното славење на Фестивалот на eвропски филм CINEDAYS. Станува збор за годишно прикажување на нови европски филмови, признати од критиката и сакани од европската публика, кое секоја година ќе патува во три различни градови.
На денешната прес-конференција на која се обратија Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ и координаторот на CINEDAYS, Маргарита Арсова го истакнаа заедничкото задоволство од овогодишната прва патувачка селекција.
„CINEDAYS започна пред дваесет години, како проект на ЕУ, кога тогашната комесарка за култура Вивиан Рединг создава иницијатива за славење на европскиот филм во сите поголеми европски градови. Особено ми е драго што од тогаш до сега, тогашната идеја за CINEDAYS само во Скопје еволуираше во вистински филмски фестивал“, истакна Арсова.
Радоста за добар филм летово ќе стигне во Крива Паланка, Струмица и Струга.
„Ние го поддржуваме CINEDAYS од првиот ден и со претставување на оваа програма сакаме CINEDAYS да стигне до нова публика надвор од Скопје. Киното има огромен потенцијал да ги комуницира приказните на Европа и нејзините вредности, како што се еднаквоста, слободата на изразување, демократијата, животната средина и социјалниот момент на ЕУ. Овогодишната селекција на филмови ја рефлектира европската креативност и разновидност и ќе има филм за сечиј вкус“, истакна амбасадорот Гир.
Европското патувачко кино под отворено небо, оваа година ќе прикаже 12 филма: 6 европски филмови продуцирани во последните години, кои ја одразуваат европската креативност и разноликост и кои нудат по нешто за сечиј вкус и 6 македонски кратки филмови, дел од нив наградувани на различни филмски фестивали и добро примени од вљубениците во филмот.
Оваа година, фестивалот започнува во Крива Паланка на 25 и 26 јуни (на градскиот плоштад пред општинската зграда), потоа продолжува во Струмица на 3 и 4 јули (градскиот парк, Домот на Армијата) и во Струга, на 9 и 10 јули (Центар на култура, летна сцена).
Проекциите почнуваат во во 21:00 часот, со исклучок на завршната вечер во Струга, која започнува од 20:30 часот и ќе бидат проследени со сесии разговори со познатиот филмски критичар Влатко Галевски и неговите гости, експерти за темите опфатени во филмовите.
Годинешната селекција на играни филмови ги вклучува: „Хакер“ (Данска), „Патешествието на Принцот“ (Франција), „Брат ми брка диносауруси (Италија), „Рока го спасува светот“ (Германија), „Слава“ (Бугарија) и „Кожурец“ (Германија). Филмовите третираат теми што ги засегаат сите луѓе, но посебно младите денес – од темната страна на дигиталната технологија, до прифаќањето и разноликоста, животот на луѓето со посебни потреби, насилството и предрасудите, корупцијата и слабостите на граѓанското општество, сексуалната ориентација и родовиот идентитет, итн.
Влезот на проекциите е бесплатен.
20. CINEDAYS Warm-up распоред и програма: https://www.euhouse.mk/cinedays-warm-up/
Текстот „Европско патувачко кино под отворено небо“ на филмскиот фестивал „Синедејс“ е превземен од МАКФАКС.