Најлоша суша во Европа во последните децении ги погодува домаќинствата, фабриките, земјоделците и транспортот низ целиот континент, додека експертите предупредуваат дека посувите зими и потоплите лета предизвикани од глобалното затоплување значат дека недостигот на вода ќе стане „нова нормала“.
Европската опсерваторија за суша пресметала дека до средината на јули се испратени предупредувања на дури 45 отсто од површината на Европската Унија, а 15 веќе се под црвена тревога, па затоа Европската комисија предупредува на „критична“ ситуација во неколку региони, пишува „Гардијан“.
Оттогаш, условите дополнително се влошија поради постојаните топлотни бранови што го погодија континентот, пишуваат медиумите.
Француската премиерка Елизабет Борн минатата недела активираше кризна единица за борба против сушата, која националната метеоролошка канцеларија ја опиша како најлоша од почетокот на евиденцијата во 1958 година.
Повеќе од 100 француски општини немаат вода за пиење и се снабдуваат со цистерни, рече министерот за зелена транзиција Кристоф Бечу, додавајќи: „Ќе треба да се навикнеме на вакви епизоди. Адаптацијата веќе не е опција, туку обврска“.
И додека цените на храната растат по руската инвазија на Украина, францускиот министер за земјоделство предупреди дека жетвата на пченка најверојатно ќе биде за 18 отсто помала од минатата година, а синдикатите на фармерите велат дека недостигот на сточна храна предизвикан од сушата може да доведе до сериозен недостиг на млеко во зима.
Компанијата за електрична енергија ЕДФ минатата недела мораше да го намали производството во еден од своите нуклеарни реактори во југозападна Франција поради високите температури во реката Гарона и издаде слични предупредувања за реакторите долж реката Рона.
Резервите на вода во Шпанија се на најниско ниво од 40 отсто, паѓајќи за 1,5 отсто секоја недела поради зголемената потрошувачка и испарувањето, соопшти владата, предупредувајќи дека ова најверојатно ќе биде најсувото лето во последните 60 години.
Оваа земја, како што пренесува „Гардијан“, во последните три месеци забележала помалку од половина од очекуваното ниво на врнежи за овој период од годината, а воведени се и ограничувања од Каталонија на североисток до Галиција на северозапад, како и во западна Екстремадура и Андалузија на југ.
Повеќето ограничувања за користење на водата се наметнати од домаќинствата, а руралните власти честопати не сакаат да ги ограничат земјоделците кои често незаконски го користат и онака оскудниот ресурс, и покрај фактот што девет десетини од искористувањето на водата во Шпанија оди за земјоделството.
„Студиите за климатските промени предупредуваат дека сушите ќе бидат поинтензивни, почести и подолги“, вели Нурија Хернандез-Мора, ко-основач на фондацијата „New Water Culture“.
„Ова ќе стане новото нормално и ние продолжуваме да го оправдуваме зголеменото користење на ресурсите што ги немаме и кои стануваат сè поретки“вели таа.