Воздухот во Британија, Франција и на југот на Европа станува се’ позагаден во време кога тие делови на континентот се погодени од рекордни температури и разорни шумски пожари.
Научниците од Европската агенција за мониторинг на атмосферата Copernicus (CAMS) предупредија на штетните по здравјето нивоа на загадување со озон низ јужна и западна Европа, што може да влијае и на северозападните региони.
Светската здравствена организација постави граница од 100 микрограми озон на квадратен метар на површината на Земјата. Југозападна Англија, северна Франција и земјите од Бенелукс имаат дневна концентрација од повеќе од 120 микрограми.
„Влијанието на овој топлотен бран врз квалитетот на воздухот не е занемарливо“, рече научникот од CAMS, Марк Парингтон.
Загадувањето со озон се јавува во реакцијата на топлината и сончевата светлина со стакленички гасови како што се азотни оксиди, јаглерод моноксид и штетни органски соединенија создадени со согорување на фосилни горива.
За време на високи температури, производството на озон се зголемува бидејќи овие хемиски реакции се случуваат побрзо, рече Парингтон.
Научниците предупредуваат дека загадувањето со озон ќе се зголеми со климатските промени. Глобалните температури сега се за 1,2 степени повисоки од прединдустриските нивоа, а топлотните бранови стануваат се почести и поинтензивни.
Нивото на озон на површината на Земјата ги влошува респираторните и кардиоваскуларните заболувања и е поврзано со зголемена стапка на смртност.
Долгорочната изложеност на тие нивоа е одговорна за 55.000 предвремени смртни случаи во Европа, според студијата од 2019 година објавена во списанието Environmental Research Letters.
Истражувањата покажаа дека смртноста поврзана со озон може да се зголеми за 11 отсто до 2050 година во некои земји во централна и јужна Европа. Но, доколку се намалат емисиите на стакленички гасови, се очекува да падне.