Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбедува кредитна линија во износ од 20 милиони евра на Шпаркасе Банка Македонија, за кредитирање на локалните приватни бизниси и корпорации погодени од пандемијата на корона вирусот.
Македонската економија е помалку зависна од туризмот во споредба со земјите на Западен Балкан, но производството и трговијата имаат силно влијание. Новото финансирање е витално за надминување на моменталната криза, а преку Шпаркасе Банка Македонија, ЕБОР ќе може да ги поддржи компаниите на кои им е потребна помош.
ЕБОР брзо одговори на Ковид-19 кризата преку лансирање на Пакетот за солидарност. Банката очекува вкупните инвестиции да достигнат до 21 милијарди евра во 2020-21 година, и да бидат насочени кон одговор и обнова на економиите од пандемијата на корона вирусот.
Шпаркасе Банка Македонија е основана во 1992 година и е долгорочен партнер на ЕБОР. Таа е дел од Ерсте и Шпаркасе Групацијата, со удел на пазарот во Северна Македонија од над 5,5% во корпоративниот сегмент. Нејзината силна локална мрежа во земјата, ќе обезбеди финансирање на малите бизниси да биде пошироко достапно.
„ Горди сме што го потпишуваме овој договор со Шпаркасе Банка Македонија, нашиот долгорочен партнер. Посветеноста на банката да го опслужува приватниот сектор и нејзината одличната позиционираност во земјата, ја прават идеален партнер за пласирање на средствата на ЕБОР и обезбедување на помош и ликвидност на компаниите кои поминуваат во овој период на досега невидена неизвесност. Обезбедувањето на финансиска помош и ликвидност за време на овие тешки времиња е есенцијално за поддршка на целата економија во земјата” изјаави Анди Аранитаси, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија.
„ Шпаркасе Банка Македонија водена од принципите на општествено одговорно работење на Штаермеркише Шпаркасе Групацијата и согласно усвоените мерки на Министерството за финансии и Владата на Република Северна Македонија, разви мерки и решенија за поддршка на долгорочни одржливи бизниси кои во моментов се погодени од пандемијата на КОВИД-19. Ќе продолжиме преку нашето партнерство и поддршка од ЕБОР да работиме заедно со нашите клиенти со цел да придонесеме колку што може повеќе во минимализирање на негативните ефекти од коронавирусот во нашата земја” изјави Глигор Бишев, Главен и извршен директор на Шпаркасе Банка Македонија.
ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 2 милијарди евра во 133 проекти во земјата.