Утрински Весник
Македонија

Драстично зголемена потрошувачката од градскиот водовод во Кочани

Драстично зголемена потрошувачката од градскиот водовод во Кочани

Кочани, 12 април 2020 (МИА) – Потрошувачката на вода за пиење од градскиот водовод во Кочани викендов е зголемена за една четвртина во споредба со останатите денови од неделата. Во моментот од бунарскиот систем Грдовски орман до станицата за пречистување се испорачуваат по 195 литри вода во секунда, со што оптоварувањето на мрежата е на горната граница од капацитетот.

Од јавното комунално претпријатие „Водовод“ информираа дека снабдувањето на корисниците се одвива отежнато и во делови од високата зона во градот има намалување на притисокот и повремени прекини.

– Присуството на граѓаните во домовите поради ограничувањето на движењето ја доведе во опасност нормалната испорака на вода до потрошувачите. Нашите служби евидентираат нерационална потрошувачка, при што се полеваат тревници, се мијат дворови со вода што првенствено е наменета за пиење. Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ испорачува вода за пиење, а не техничка вода. Со ова е доведено во прашање нормалното водоснабдување на Кочани и на населените места, што воопшто не е добро во услови на пандемија, истакна Андреј Киров, директор на „Водовод“.

Поради енормната потрошувачка на водата од градскиот водовод и намалувањето на притисокот во системот за водоснабдување, најмногу на удар се корисниците од високите зони во градот, кои опфаќаат околу половина од потрошувачите во Кочани.

Во моментот активни се сите бунари со кои се снабдува филтер станицата, нивната издашност е на задоволително ниво, а и системот за препумпување е во функција, па во тој дел немаме проблеми. Во просек дневно се испорачуваат по околу 16 илјади кубни метри вода, а поради опаѓањето на притисокот во дел од мрежата регистриран е пораст на дефектите.

Рестрикции во водоснабдувањето на граѓаните досега немаше, но ако продолжи нерационалното трошење можни се и такви мерки, поради што од КЈП „Водовод“апелираа водата да да не се злоупотребува и да се користи рационално. та/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Алијанса за Албанците: Меџити ги злоупотребува државните канцеларии за партиски цели

Груби го нема, ДУИ се оградува, Мицкоски не верува дека е чист како солза

Ученици од Битола изработиле веб мапа на спомениците од НОБ