Фестивалот „Охридско лето“ ја продолжува драмската програма вечерва со театарската претстава „Кој ја уби Џенис Џоплин“ на текст од Тијана Грумиќ, во режија на Соња Петровиќ, а во изведба на Српскиот народен театар од Нови Сад.
Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.
Улогите ги играат актерите: Бојана Милановиќ,Соња Исаиловиќ, Стефан Вукиќ, Димитрије Аранџеловиќ, Вукашин Ранџеловиќ, Петар Бањац, Филип Грубач и Игор Сакач. Драматург на претставата е Николина Стјепановиќ, костимограф: Сенка Раносављевиќ, а сценографијата е на Жељко Пишкориќ.
Се работи за своевиден драмски омаж на една жена која дошла до својот крај за да се случи нов почеток.
„Кога размислував да направам претстава за лицето, кое ми беше пример и инспирација во текот на тинејџерскиот период, секогаш за неа мислев како да се работи за две личности. Несомнено нејзиното двојство е евидентно; нејзините два лика и нејзините две приказни. Едната е приказна за несигурна, нежна, неприфатена и незаштитена девојка, а другата е за храбра, агресивна основачка на нова листа на критериуми за жените. Едната поради која живеела, а другата поради која починала. Едната која одеше кон својот крај за другата да започне . Дури подоцна наидувам на податокот дека Џенис го добила името по богот Јанус. Се работи за римскиот Бог на крајот и почетокот. Обично е прикажан со две лица, едното гледа на почетокот, а другото на својот крај“, вели режисерката Петровиќ.
Текстот Драмата „Кој ја уби Џенис Џоплин“ вечерва на „Охридско лето“ е превземен од МАКФАКС.